| |

(Видео) Перев: Бугарското општество што го познававме е променето, сега е силно и свесно за својата историска улога во европската историја

Во последните 20 години, бугарското општество не е веќе она, што ние го знаеме. Онаа простачка приказка за двете червени. Приказката на простаците од Македонија, кои се уште не излегле од оковите на југомакедонизмот и „среќниот“ живот со Тито. Денеска имате едно силно, агресивно и образовано бугарско општество, што е свесно за својата ролја во историјата и за своето место во Европа. Ова го изјави Владимир Перев, публицист и редовен колумнист на порталот „Трибуна“, кој преку телефонска врска беше гостин во емисијата „Стадион“ на радиото „Канал 77“.

Перев е дециден дека работите се многу изменети од времето кога премиерите Љубчо Георгиевски и Иван Костов ја потпишаа Декларацијата за добрососедство и пријателство во 1999 г.

„Во моментот кога Бугарите видоа дека, некој ќе ги остави на историјата на кан Аспарух, а после тоа на Тодор Живков и Георги Димитров, се побунија и побараа опора. Некој се сети да ме покани мене. Јас секогаш сум имал добри позиции во бугарското општество. Тоа што не сум ги истакнувал и не сум се нудел е друга работа. Мојот татко е бугарски офицер со завршена Воена академија во две светски војни. Јас имам статус на дете на првоборец партизан, да ја видиме малку шеговитата нотка. Се појавувам сега за да посочам на една ситуација, што се случува овде. Нема тука ништо отровно, јас само барам да се расчистат ситуациите, да се расчистат состојбите“, изјави Перев, одговарајќи индиректно на нападите на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, изјави дека Владимир Перев се активирал во бугарските медиуми, сега кога односите меѓу Скопје и Софија тргнале во нагорна линија , под раководството на премиерите Зоран Заев и Димитар Ковачевски, а молчел кога на власт бил Никола Груевски.

„Треба да се расчисти со Михајлов, со неговиот како што велат некои нацизам. Дека бугарското општество било нацистичко општество. Михајлов е човек, кој ниту поздравил фашистички-нацистички, ниту напишал фашистички текст, далеку бил и од нацистички…“, вели Перев, додавајќи дека е вистина дека Михајлов се познавал со Адолф Хитлер и дека му бил гостин на својот борбен другар д-р Анте Павелиќ.

Перев во емисијата го постави реторичкото прашање дали истото не важи и за Иво Андриќ, кој исто така се познавал со Хитлер и живеел мирно во Србија додека со неа раководела марионетската влада на Милан Недиќ.

„Ние едните ги осудуваме, а другите не. Зошто имало дом на Ванчо Михајлов во Битола?! Зошто има статуа на Хасан беј Приштина во сред Скопје? Ванчо Михајлов и Хасан беј Приштина имаат склучено договор, кој ја оцртува територијата на Македонија со етничките Бугари и етничките Албанци. Ако правеле нешто заедно, заедно треба да имаат споменик. Ако разградувале нешто заедно, тогаш треба и на Хасан беј да му се турне споменикот“, вели Перев во однос на хистеријата околу отворањето на клубот на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола.

„Јас сум син на оваа македонска земја, без разлика што се чувствувам како етнички Бугарин. Јас добро го познавам македонскиот менталитет. Тие некакви комисии за култура… Ние секогаш сме имале културна размена. Бугарски оперски пејачки, виолинистки, пијанистки, доаѓале овде, нашите оделе гостувале таму… Оние турбофолк пејачките не можат да дојдат бидејќи Србинките го окупирале нашиот духовен простор за турбофолкот. Зафатено е тржиштето, пазарот е освен“, вели Перев во однос на работните групи меѓу двете земји, специјално во делот за културата. Тој исто така подвлече дека навистина се случило како што предвидел авионот Скопје-Софија не лета, а железницата меѓу двете земји не се ни гради.

„Сето тоа се приказни со кои македонската страна се обидува да го одложи решението, чекајќи некој да ѝ помогне… Американци, Германици. Посебно Американците се ангажирале. Од таа работа нема да биде ништо. Дури Радев да почине или да замине, дури Генчовска или Захариева да се во аут, од таа работа нема да биде ништо. Бугарското општество е толку инструментализирано и со отворени очи кон секое посегнување кон својата историја, што додека не се решат првите прашања, а тие се Бугарите во македонскиот Устав, после тоа другите услови, демократизација, досиеја, говор на омраза, промена на учебниците“, дециден е Перев.

„Некој зборува дека односите ни се много лоши. Јас најодговорно тврдам дека односите никогаш не биле добри. Ние како македонски народ, секогаш сме имале кон Бугарите презир и омраза, а денеска се трудиме да им го наметнеме тоа, но тоа е не може“, вели Владимир Перев.

Слични Објави