Бугарки од украинското село Виноградивка плетат волнени чорапи за украинските војници на фронтот
Жените од селото Виноградивка, Тарутинска општина во Украина продолжуваат да плетат зимски чорапи за војниците на фронтот. Еден од иницијаторките на идејата е Олга Илинична Кичиџи од селото, која во плетењето ги вклучила повеќе од 10 нејзини познанички и пријателки, информира за рубриката БГ Свет на БТА Ања Терзивец – водителка на емисијата „Гласот на Бугарите“ на Јавната телевизија „ Суспільне Одеса“.
„Го палам шпоретот, ги канам соседите и плетеме чорапи. Правиме сè што можеме за да ги стоплиме војниците во рововите во текот на зимата. Многу луѓе се вклучија во оваа активност. Ние плетеме така што чорапите да се удобни, еден пар не треба да тежи повеќе од 100 грама. Мерам од клопчето преѓа и на сите им давам доволно за пар или два. Ги поттикнувам сите да работат побрзо“, вели Олга.
Жената додава: „Студот веќе дојде и војниците треба да се загреат. И во иднина ќе продолжиме да плетеме и да испраќаме“.
Повеќе од 50 пара топли чорапи веќе успеаја да стигнат до војниците на фронтот. Дамите од Виноградивка велат дека би сакале и жени од други села да се вклучат во плетењето зимски чорапи.
„Која може да плете супер, која може да исплете и еден пар, пак е одлично. Уште еден војник ќе се загрее, оти тие не спасуваат од големото зло кое ги уништува нашите градови, ги убива нашите луѓе и уништува животи ширум светот“, тврдат жените.
Според Олга, денес освен Бугари, во селото живеат и Украинци и Гагаузи. Таа ја раскажа својата приказна без да го тргне погледот од плетењето. Една од традициите во селото е поврзана со одгледување овци уште од античко време, од волната пределе преѓа, а од неа плетеле чорапи и елеци.
„ Сите живееме во хармонија, никој никого не навредува. Јас плетам од мала. Мајка ми ме научи да плетам со две игли, со четири, а и со една“, вели жената.
