Бугарската антарктичка експедиција со повеќе научни и меѓународни проекти
Во рамките на 35. јубилејна бугарска антарктичка експедиција ќе се реализираат бројни научни проекти на бугарскиот истражувачки брод „Св. св. Кирил и Методи“ (НИК 421) и во антарктичката база „Св. Климент Охридски“, меѓу кои и повеќе меѓународни проекти. Ова го соопшти Драгомир Матеев, заменик-директор на Националниот центар за поларни истражувања при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и раководител за логистика во Националната програма за поларни истражувања, јавува БТА.
„Ова е 35. јубилејна експедиција и петта експедиција на нашиот брод на Антарктикот. Според првичните податоци, оваа експедиција ќе биде уште поголема и со повеќе луѓе од претходната благодарение на тоа што нашата инфраструктура во последните години драстично се зголеми – нова лабораторија, опремување на бродот. Оваа година ќе имаме многу проекти што ќе работат од бродот, ќе има многу проекти што ќе работат од базата, а ќе има и проекти што ќе работат и на базата и на бродот“, изјави Матеев.
Меѓу меѓународните учесници годинава има научници од Германија, Романија, Грција и Обединетите Арапски Емирати, кои минатата година изградија нова научна лабораторија во бугарската база.
Командантот на базата „Св. Климент Охридски“, Камен Недков, соопшти дека новина оваа сезона ќе биде воведувањето проектни координатори. Физичарот Олег Василев ќе ги координира научните проекти во базата, а проф. д-р инж. Борислав Александров проектите на бугарскиот брод.
Во базата ќе има интернет во сите објекти, нови логистички машини и лабораториска опрема. Планирани се и реновирање на кујната во главната зграда и проширување на работниот простор во објектот „Каса Еспања“.
Предвидено е и поставување соларни панели со цел постепено намалување на зависноста од дизел-генератори и целосно преминување на енергија произведена од сончева светлина.
„Ова е нешто големо и нешто важно за нас и работиме на тоа во последните 2-3 години. И се надеваме дека во следните две години ќе го реализираме“, изјави Недков.
Годинава е планирано и поставување тенда на островот Смит, која ќе ја користат научниците, пред сè оние што работат со диви животни и имаат потреба од заштита.
Командантот на НИК 421, капетан II ранг Радко Муевски, соопшти дека според сегашниот план бродот треба да исплови од Варна на 4 ноември 2026 година и да се врати во Варна на 14 април 2027 година.
НИК 421 повторно ќе превезува опрема за базата, а на бродот ќе се реализираат и научни проекти. За време на експедицијата тој ќе учествува на КОП-31 во Анталија и ќе обучува питомци од Високото военопоморско училиште на патот до Картахена, Шпанија. На враќање, екипажот ќе учествува во одбележувањето на бугарскиот национален празник 3 Март во Буенос Аирес заедно со бугарската заедница во Аргентина.
Ќе продолжат и проектот за подводна археологија со помош на НИК 421, проектот за морските струења на неколку локации, како и земањето теренски примероци од полуостровите Мајерс и Бернард Поинт.
