Бугарската паралелка во гимназијата во Цариброд ќе биде зачувана
Бугарската паралелка во гимназијата „Св. Св. Кирил и Методиј“ во Цариброд ќе биде зачувана, откако осум ученици се запишале за настава на бугарски јазик, соопшти директорот на училиштето Братислав Стаменов на конференција во прес-клубот на БТА во Белград, јавува БТА.
„Имаме добра вест“, изјави Стаменов, потсетувајќи дека наставата на мајчин бугарски јазик во училиштето била обновена во 2009 година.
Првично, за тековната учебна година само еден ученик се пријавил за настава на бугарски јазик, што не било доволно за формирање паралелка според стандардите на српското Министерство за образование.
По средбата со родителите на 2 септември, уште седум родители поднеле барања нивните деца да бидат префрлени во паралелката со настава на бугарски јазик.
„Успеавме да убедиме дел од родителите да ги префрлат децата во бугарската паралелка“, рече Стаменов.
Барањата се испратени до Министерството за образование во Белград и до бугарската амбасада. Според законот, паралелка за припадници на национално малцинство треба да има 15 ученици, но може да биде одобрена и со помал број со согласност на министерот за образование.

