Бугарската православна црква го чествува Свети Јован Рилски – небесниот чувар на бугарскиот народ
Бугарската православна црква денеска го чествува Свети Јован Рилски, кој е почитуван како небесен чувар на бугарскиот народ, јавува БНР.
Светецот е познат по тоа што го разделил богатото наследство од своите родители на сиромашните и болните, а потоа се замонашил и се посветил на духовен живот.
Денешниот празник е и храмов празник на Рилскиот манастир, каде што Бугарскиот патријарх и Софиски митрополит Даниил ќе отслужи света литургија. Очекувањата се таму да пристигнат стотици верници и поклоници, како што е традиција со години. Полицијата презеде мерки за безбедност и контрола на сообраќајот по единствениот пат кон манастирот, а во обезбедувањето се вклучени и припадници на жандармеријата. Над светата обител ќе биде отворен и дополнителен паркинг со капацитет од 500 места, кај реката Рилска.
Празникот ќе биде одбележан и во Руенскиот манастир над селото Скрино, каде што литургијата ќе ја предводи Браничкиот епископ Јован – прв викар на патријархот, кој до пред два месеца беше игумен на овој манастир. На настанот се очекуваат верници од целата земја.
До светилиштето води единствен пат долг околу два километри со значителна денивелација, за кој се грижи општината во Бобошево.
