| |

Бугарската Влада го предложи историчарот Никола Караиванов за Орден „Св. Кирил и Методиј“ заради неговото просветно дело меѓу Бугарите во Украина

Бугарската Влада му предлага на претседателот на Бугарија Румен Радев да го одликува со орден Св. Кирил и Методиј“ – прв степен бугарскиот историчар Никола Караиванов, заради неговите големи заслуги и просветна дејност меѓу бугарската дијаспора во Украина во областа на образованието и културата. Ова го соопшти владината прес-служба.

Никола Караиванов е роден на 5 јули 1948 година. Од 1994 година е активен и постојан учесник во пишувањето на весникот на Бугарите во Украина „Роден крај“ со историски прилози. Голем дел од нив се објавени во посебни книги како што се „Настани и херои од нашата родна историја“, „Болградската гимназија“, „Големите и истакнати Украинци – вљубеници во Бугарија“. Овие книги, како и многу други чиј автор е Никола Караиванов, се од големо значење за просветното дело на Бугарите во Украина, кои речиси два века се одвоени од својата историска татковина, се наведува во соопштението.

Непроценлив е придонесот на Никола Караиванов во образовната сфера, како делегиран предавач од Министерството за образование и професор по историја во Болградската гимназија во периодот од 1998 до 2002 година, како и во Институтот за преквалификација на кадри во Габрово и Централниот институт за усовршување на наставниците во Софија, се наведува во соопштението. Покрај директните образовни задачи тој води активна воспитно-образовна дејност надвор од училниците, посетувајќи многу бугарски села и држејќи предавања пред учениците и обичните луѓе. Неговата повеќеслојна активност во корист на бугарската духовност и кауза беше реализирана и преку водењето на курсеви на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ за групи од историската бугарска дијаспора од Кировоградштина.

Како резултат на својата јавна активност и посветеност, Никола Караиванов е избран за претседател на Друштвото за односи со бесарабските и тавријските Бугари „Родољубец“.

Никола Караиванов беше награден и како донатор на Националната библиотека „Св. Кирил и Методиј“.

Фото: БГНЕС

Слични Објави