Бугарски научници со повик за организирање на мисија „Македонија“ во ЕУ и САД
Да се организира мисија „Македонија“ во ЕУ и САД. Овој предлог го нудат на бугарскиот претседател Румен Радев и на бугарската Влада претставниците Националниот круг „За Македонија“. Проф. Николај Овчаров, проф. Ана Кочева и проф. Пламен Павлов го изнесоа својот предлог на прес-конференција во Националниот прес-клуб на БТА.
Тие прецизираат дека предлагаат мисијата да се именува „Македонија“, бидејќи има и други делови од Македонија кои не се во рамките на Северна Македонија.
Идејата е мисијата да ја организираат бугарските амбасади, како серија прес-конференции на научници од Националниот круг „За Македонија“, на кои ќе бидат поканети новинари, академски претставници и други, на кои, ќе биде презентирана бугарската позиција за лингвистичките и историските прашања, а ќе бидат презентирани и прашања, поврзани со човековите права. Научниците предлагаат овие прес-конференции да се одржат во Вашингтон, Брисел и во главните градови на Шведска и Шпанија – земјите кои ќе претседаваат со Европската унија оваа година.
Според проф. Николај Овчаров, додека не се решат историските и јазичните прашања, нема да има патишта, автопати, железнички линии меѓу двете земји. Затоа тој инсистира да има иницијатива слична на онаа што беше претставена за време на бугарското претседателство со ЕУ „Мисија Бугарија“.
„Ние треба многу подобро да ги презентираме нашите позиции од оваа смешна комисија“, вели проф. Овчаров. Северна Македонија не сака да влезе во ЕУ, смета тој.
„Самите постапки на политичарите кои владеат со неа го покажуваат ова. Гледаме канали на руско влијание во Северна Македонија, без разлика колку тие велат дека се против тоа. Нивните постапки ни ја покажуваат врската Москва-Белград-Скопје“, рече проф. Овчаров.
Проф. Ана Кочева од Институтот за бугарски јазик на Бугарската академија на науките истакна дека темата „Македонија“ не треба да се политизира во претстојната изборна кампања кај нас. Неопходно е да се дејствува мудро и разумно, објасни таа.
„Обично реториката станува многу поостра пред избори. Можеби е време во Македонија да разбереме дека кога преговарате со ЕУ, всушност преговарате и со Бугарија. Може да има вето кога Северна Македонија ќе ги започне суштинските преговори. Шпекулациите не се по наш вкус.Би ги повикале политичките сили да се воздржат бидејќи тоа ја зголемува тензијата.Убедена сум дека дипломатијата функционира“, изјави проф.Кочева.
Проф. Пламен Павлов повика на став на просветлен патриотизам, но не и апартхејд за Бугарите во РС Македонија.
„Крајно време е да имаме став на просветлен патриотизам каков што имаа Гоце Делчев и Васил Левски. Мораме да го најдеме најдобриот начин за дијалог со нашите браќа од Македонија. Да не им се забранува на луѓето кои имаат бугарска самосвест да ја изразуваат истата“, истакна историчарот.
Националниот круг „За Македонија“ потсети на посетата на нивната делегација на Европскиот парламент во Стразбур во 2022 година, каде што го претставија бугарскиот став во однос на РСМ. Тие пред Европскиот парламент доставија меморандум во врска со РСМ, во кој учествуваа повеќе од 19 истакнати бугарски научници, интелектуалци и новинари. Според невладината организација, нивната посета била успешна, бидејќи презентацијата на научниците ја следеле околу 130 европратеници.

