Бугарски организации реализирале 54 проекти на Европската вселенска агенција во вредност од речиси 10,6 милиони евра
Досега 194 бугарски организации се регистрирани во процедурите на Европската вселенска агенција (ЕСА), а реализирани се 54 проекти во вредност од речиси 10,6 милиони евра, соопшти заменик-министерката за иновации и дигитална трансформација на Бугарија, Мира Јосифова, на 33. состанок на Комитетот на Планот за европските земји-соработнички (PECS) на ЕСА во Париз, пренесува БТА.
Јосифова го претставила напредокот на Бугарија и мерките што Министерството за иновации и дигитална трансформација ги презема за развој на вселенскиот сектор, се наведува во соопштението на Министерството.
Според неа, најзначајниот резултат од досегашните проекти е создавањето индустриски, научен и институционален капацитет.
„Бугарија продолжува да ја зајакнува својата меѓународна позиција во вселенскиот сектор. Учеството на премиерот Румен Радев и министерот Иван Василев на Меѓународниот вселенски самит, како и нивната средба со генералниот директор на ЕСА, д-р Јозеф Ашбахер, го потврдија стратешкото значење што нашата земја им го придава на вселенските технологии и на продлабочувањето на соработката со ЕСА“, изјави Јосифова.
Таа оцени дека Бугарија може да стане значаен дел од европските синџири на вредност во вселенскиот сектор преку заземање конкретни и конкурентни позиции.
Како пример за развојот на домашната индустрија, Јосифова ја посочи компанијата „ЕндуроСат“ (EnduroSat), која во јули ја достигна бројката од 100 сателити во орбитата, а досега испорачала повеќе од 200 вселенски летала за мисии ширум светот.
„На 16 септември компанијата заврши нов инвестициски круг во вредност од 205 милиони долари, или приближно 178 милиони евра, при што Европскиот совет за иновации инвестираше заедно со водечки меѓународни фондови“, рече Јосифова.
Таа го истакна и меморандумот меѓу „ЕндуроСат“ и француската „Аријанеспејс“ (Arianespace), потпишан во Елисејската палата за време на Меѓународниот вселенски самит во Париз. Според плановите, од 2029 година бугарската компанија ќе ја користи ракетата Ariane 6 за лансирање сателити на своите клиенти.
Јосифова се осврна и на развојот на центарот за истражување и развој во областа на вселенските и одбранбените технологии во Доброславци. Таа нагласи дека вселенскиот екосистем најуспешно се развива кога државата и бизнисот работат во партнерство, при што државата ја создава рамката и поволната средина, а компаниите ги претвораат можностите во технологии, производи и пазари.
На состанокот бил истакнат и научниот и експертскиот потенцијал на бугарските институти и универзитети, како и мерките за посилна соработка меѓу учесниците во секторот.
„Заедно со ЕСА развиваме Центар за поддршка на вселенските активности, кој ќе биде основа за иден инкубатор“, изјави заменик-министерката.
Со ажурирањето на Иновациската стратегија за паметна специјализација, на која Министерството работи во моментов, се предвидува воведување посебна тематска област „Вселенски технологии и технологии со двојна употреба“.
„Предвидуваме до крајот на годината да биде изработена и Национална вселенска стратегија, како и во 2027 година да се создаде национална програма за стратешки иновациски сектори, како што се вселенските технологии, микроелектрониката и технологиите со двојна употреба“, рече Јосифова.
Според неа, Министерството е посветено на преминување на Бугарија во следната фаза од партнерството со Европската вселенска агенција – асоцијативно членство.
На 6 и 7 октомври Министерството за иновации и дигитална трансформација и Европската вселенска агенција ќе организираат информативен настан во Софија Тех Парк, посветен на новите можности за поддршка на бугарскиот вселенски сектор.
