Бугарски пратеник повика заветите на Гоце Делчев да се чуваат како морален компас на бугарската држава
Заветите на Гоце Делчев да се чуваат како морален компас на бугарската држава. На тоа повика од собраниската говорница во бугарскиот парламент пратеникот од редовите на ГЕРБ-СДС Иван Герчев, пренесува Пиринско.
„Делото на Гоце Делчев остави трајна трага во развојот на бугарското националноослободително движење и изврши длабоко влијание врз националната самосвест на генерации Бугари“, стои во декларација што пратеникот ја прочита од парламентарната говорница, по повод 154 години од раѓањето на револуционерот, одбележани на 4 февруари.
Георги Николов Делчев е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, Грција. Тој одигра решавачка улога во изградбата на ослободителното движење, создава револуционерни комитети, подготвува дејци и воспоставува одржлива организациска мрежа. Гоце Делчев не е само револуционер, туку и мислител и визионер. За него слободата не е единствено политичка цел, туку состојба на духот и на општеството, додаде Иван Герчев.
Тој истакна уште дека широката и модерна визија на Гоце Делчев му дава на неговото дело особена историска вредност, претворајќи го во личност што ја надминува рамката на своето време и остава пример за политичка зрелост, државничко размислување и личен морал. До последниот ден останува меѓу народот, а неговата гибел во 1903 година го претвора во симбол на несебичен патриотизам и на вера во идеалот за слобода и достоинствена бугарска заедница.
Јасен знак за непреодноста на неговото дело е тоа што денес во Бугарија постои град што го носи неговото име. Тоа име не е само географска ознака, туку симбол на историска меморија, национална благодарност и жива врска меѓу херојското минато и современиот живот, изјави Иван Герчев.
