| |

Бугарски ученици освоија 6 медали на Меѓународната олимпијада по математика во Шангај

Бугарски ученици освоија еден златен, два сребрени и три бронзени медали на 67-та Меѓународна олимпијада по математика, одржана во Шангај, Кина, соопштија од Здружението на олимписките тимови по природни науки, пренесува БТА.

Оттам додаваат дека натпреварот собрал 666 учесници од 119 држави.

Златен медал освои ученикот во трета година Андреј Стефанов од Првата приватна математичка гимназија (ППМГ), сребрени одличја освоија Александар Бангачев, ученик во трета година во ППМГ, и Добромир Добрев, ученик во втора година во Софиската математичка гимназија (СМГ), додека бронзените медали им припаднаа на Ѓорѓи Николов, ученик во четврта година во СМГ, Кирил Зуљамски, ученик во прва година во СМГ, и Божидар Сакарев, ученик во втора година во ППМГ.

Раководители на националниот тим се д-р Стојан Боев од Американскиот универзитет во Бугарија и Кристијан Василев од Институтот за математика и информатика при Бугарската академија на науките, наведуваат од Здружението на олимписките тимови по природни науки.

Меѓународната олимпијада по математика е најпрестижниот меѓународен натпревар по математика за ученици и најстарата меѓународна олимпијада по природни науки. Се одржува секоја година од 1959 година. Традиционално, најсилни нации на натпреварот се Кина, САД, Русија и Јужна Кореја. Најсериозна конкуренција за претставниците на Бугарија во Европа се учениците од Романија, Велика Британија, Унгарија, Полска и Франција, наведуваат од Здружението на олимписките тимови по природни науки.



Слични Објави