| |

Бугарски ученици се вратија со 6 медали од Меѓународната олимпијада по лингвистика во Бразил

Бугарските ученици учесници на Меѓународната олимпијада по лингвистика во Бразил се вратија со 6 медали од натпреварот. Настанот се одржа помеѓу 23 и 31 јули. На овогодинешното издание на олимпијадата учествуваа претставници од речиси 40 земји, јавува БГНЕС.

Сребрен медал освои ученичката од четврта година средно Ниа Димитрова од софиското Средно математичко училиште „Паисиј Хилендарски“.

Останатите 5 бронзени медали се за учениците од четврта година Ани Кателиева (НГДЕК „Константин-Кирил Филозоф“ во Софија), Николај Георгиев (ПМГ „Св. Климент Охридски“ во Силистра), Магдалена Вигенина (СМГ „Паисиј Хилендарски“), ученичката од трета година Сирма Кадарџова и ученичката од прва година Иванимира Неделчева од СМГ „Паисиј Хилендарски“.

Раководители на бугарскиот тим се Александар Велинов од Сојузот на математичари во Бугарија и Љубомир Златков од Институтот за информатика и математика при Бугарската академија на науките.

Репрезентативците ја посетија бугарската амбасада во Бразил и беа пречекани од амбасадорката Божидара С’рчаџиева и конзулот Нина Пенчева.

Средствата за подготовката и учеството на Меѓународната олимпијада по лингвистика се обезбедени во рамките на националната програма „Ученички олимпијади и натпревари“ на Министерството за образование и наука.

Слични Објави