Бугарски ученик награден на меѓународната програма „Space Camp“
Четиринаесетгодишниот Калојан Стефанов, ученик во деветто одделение во Првата приватна математичка гимназија во Софија, ја доби наградата „Outstanding Camper“ („Исклучителен учесник“) на меѓународната програма „Space Camp“ во Измир, Турција, јавува БТА.
Медалот, едно од двете индивидуални признанија во програмата, му беше доделен за лидерство, научни знаења и тимска работа при тренинзи со симулатори, конструирање ракети и симулирани вселенски мисии.
Стефанов беше избран на национален конкурс со есеј за вештачката интелигенција како учесник во вселенска мисија. „Space Camp ги надмина моите очекувања. Програмата е неверојатна и им ја препорачувам на сите“, изјави тој.
Годинава во програмата учествуваат вкупно 150 бугарски ученици на возраст од 11 до 15 години.
