Бугарскиот ансамбл во ритмичка гимнастика со јасна цел: олимписка квота за Лос Анџелес 2028 г.
Бугарскиот ансамбл во ритмичка гимнастика веќе е насочен кон следната голема цел – освојување олимписка квота за Игрите во Лос Анџелес во 2028 година, откако сезоната ја заврши со два бронзени медала на Светското првенство, јавува БГНЕС.
Рејчел Стојанов, Магдалина Миневска, Маргарита Василева, Емилија Обретенова, Раја Божилова и Магдалена В’лкова се искачија на победничкиот подиум во финалите со три обрачи и два пара чуневи, како и со пет топки.
„Сигурно ова беше едно од најуспешните натпреварувања за нас и среќни сме што успеавме на ваков начин да ја завршиме сезоната“, изјави Стојанов за БНТ.
Миневска оцени дека конкуренцијата била силна во текот на целата сезона, но бугарскиот состав ја покажал најдобрата форма на крајот.
„Конкуренцијата беше силна во текот на целата сезона. Ние малку повнимателно влегувавме од натпревар во натпревар во текот на целата година, но на крајот завршницата беше најдобра“, рече Миневска.
Маргарита Василева го истакна и новиот состав, кој, според неа, им овозможил на гимнастичарките да настапуваат со поголема сигурност и задоволство.
„Мислам дека овој нов состав беше многу добар потег. Навистина многу ни се допадна и на теренот покажавме дека го изведуваме со големо задоволство“, изјави Василева.
Иако Бугарија не успеа да обезбеди олимписка квота на Светското првенство, Емилија Обретенова нагласи дека тимот ќе продолжи да работи за место на Игрите во 2028 година.
„Овој пат не успеавме да освоиме олимписка квота, но со многу работа и подготовка следната година ќе се избориме за неа“, рече Обретенова.
За Раја Божилова сезоната беше и период на адаптација по преминот од јуниорскиот во сениорскиот ансамбл.
„Промената е во тоа што одговорноста е поголема. Ми претставува големо задоволство што сум на теренот со овие девојки“, изјави Божилова.
Светското првенство имаше посебно значење за Рејчел Стојанов, која се врати во составот по 11-месечно отсуство поради повреда.
„Периодот на повредата беше прилично долг. Реално, во тимот се вратив пред еден месец. Мислам дека токму тоа ги направи овие медали толку вредни за мене“, рече Стојанов.
Таа додаде дека физички немала проблеми поврзани со повредата, но дека враќањето на натпреварувањата било потешко од психолошки аспект.
„Беше малку посложено психички, бидејќи периодот во кој не учествував на натпревари беше подолг. Се собраа 11 месеци без натпреварување“, додаде Стојанов.
И Магдалина Миневска поминала низ долга пауза, која, како што вели, била сериозен психолошки предизвик. На крајот решила повторно да му се врати на спортот.
„Психолошки, фазата беше прилично тешка и траеше една година. Почувствував дека многу ми недостига и донесов одлука да се вратам. Искрено, тоа е најдобрата одлука што сум ја донела“, изјави Миневска.

