| |

Бугарскиот државен завод за ревизија воведува систем на INSAIT за проверка на јавните набавки со вештачка интелигенција

Бугарскиот државен завод за ревизија ќе користи вештачка интелигенција за проверка на законитоста на јавните набавки во рамките на годишната програма за ревизија за 2027 година, јавува БГНЕС.
Заводот очекува системот да го преполови времето за проверка на секоја набавка. Ревизорите ќе ги проверуваат резултатите и самостојно ќе утврдуваат дали има прекршувања.

Системот ОДИС е заеднички проект на Заводот и Институтот за истражувања во областа на компјутерските науки (INSAIT) при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Претседателот на Заводот, Димитар Главчев, и извршниот директор на Институтот, Борислав Петров, денеска потпишаа договор за соработка во областа на вештачката интелигенција.

„Со користењето на системот со вештачка интелигенција ќе се преполови времето за проверка на секоја јавна набавка, која обично трае од два дена до повеќе од една седмица, во зависност од обемот и сложеноста на набавката. Времето што ќе го заштедат на рутинските задачи ќе им овозможи на ревизорите да се посветат на посложени случаи и да спроведат повеќе ревизии“, изјави Главчев.

Првиот модул на системот, ОДИС ЗОП, е успешно тестиран во реални услови, наведуваат од Заводот. Станува збор за дигитален асистент за ревизори, заснован на бугарскиот јазичен модел BgGPT. Асистентот автоматски презема податоци од електронскиот систем за јавни набавки, меѓу кои се условите за учество, обрасците, договорите и податоците за учесниците.

Асистентот ги обработува податоците, предлага одговори на ревизорските прашања и за секој предлог дава образложение и упатува на изворот. Тој ги посочува и можните отстапувања од прописите. Ревизорот ги проверува наодите и по потреба ги дополнува со други докази. Ревизорските документи и заклучоци се чуваат во средина без надворешен пристап преку интернет.

„Сакаме да развиеме технологија што ќе им помага на ревизорите во Заводот, а ќе служи и како модел за државната администрација“, изјави Петров.

Обуката на ревизорите почнува следната недела и постепено ќе ги опфати сите што ја проверуваат законитоста на јавните набавки. Во следната фаза е предвидено системот да се користи и за обработка на големи количества податоци и документи, за финансиски ревизии и за поддршка на стратешкото и годишното планирање на Заводот.

Слични Објави