На 100-годишна возраст почина Китан Јорданов, еден од првите играорци на бугарскиот ансамбл „Пирин“
На 100-годишна возраст почина Китан Јорданов, еден од првите играорци на бугарскиот ансамбл „Пирин“, кој остави значаен белег во историјата на ансамблот и бугарскиот народен танц. Веста за неговата смрт ја соопштија од ансамблот, пренесува Пиринско.
Во објавата, од ансамблот потсетуваат дека во февруари годинава заедно го прославиле неговиот 100-ти роденден, кога Јорданов повторно настапил на сцената, заедно со својата сопруга Јулија, неговата животна сопатничка и партнерка во танцот.
„Во февруари заедно го прославивме неговиот стогодишен јубилеј. Тој повторно застана на сцената на ансамблот „Пирин“, покрај својата сопруга Јулија – неговата љубов и сопатничка во животот и танцот.
Тоа беа моменти исполнети со возбуда, солзи, прегратки и благодарност. Милион прегледи на споделеното видео покажаа колку многу луѓе ги допрела оваа приказна за љубовта, посветеноста и силата на бугарскиот дух.
Денес со љубов и благодарност се сеќаваме на Китан. На неговиот талент, на годините посветени на сцената и на трагата што ја остави во семејството на ансамблот „Пирин“.
Некои луѓе ја напуштаат сцената, но никогаш не ја напуштаат нејзината историја“, се наведува во објавата на ансамблот „Пирин“.
