Националната библиотека во Софија ќе добие целосна збирка од делата на албанскиот писател Исмаил Кадаре
Албанското катче во Националната библиотека „Св. св. Кирил и Методиј“ во Софија ќе биде збогатено со целосната збирка од делата на Исмаил Кадаре, еден од најистакнатите и меѓународно признати албански писатели. По тој повод, Амбасадата на Албанија во Бугарија и библиотеката организираат свечен настан за претставување на донацијата, кој ќе се одржи на 10 ноември, јавува Радио Бугарија.
„Донацијата претставува многу повеќе од обично збогатување на библиотечниот фонд. Со тоа што дел од интелектуалното наследство на Албанија ѝ се отстапува на институција посветена на зачувувањето на историското сеќавање на народите и обезбедувањето пристап до него за идните генерации, оваа иницијатива создава трајна културна врска меѓу двете земји“, соопштија од албанската амбасада за Радио Бугарија.
На настанот ќе се обрати и албанската амбасадорка Инид Мило, која ќе го истакне значењето на иницијативата во контекст на стратешката национална цел на Албанија – европската интеграција.
„Европа е и културен простор обликуван од книгите што ги читаме, приказните што ги споделуваме и нашата подготвеност меѓусебно да се запознаваме и разбираме. Во тој контекст, литературата и културната размена претставуваат суштинска димензија на европскиот идентитет и меѓусебното разбирање“, истакнува амбасадорката.
Иницијативата, која се одржува под мотото „Култура, литература и заедничка европска иднина“, има цел да ги промовира албанската литература и културното наследство во Бугарија, како и да го истакне придонесот на Исмаил Кадаре во албанската, европската и светската книжевност.
Според информациите од амбасадата, вклучувањето на целосната збирка од делата на Кадаре во фондот на Националната библиотека ќе придонесе за поголема достапност и препознатливост на албанската литература меѓу бугарските читатели, истражувачи и пошироката академска и културна јавност.
На настанот се очекува да присуствуваат претставници на дипломатскиот кор, бугарските институции, истакнати личности од културниот и академскиот живот, книжевни дејци и други гости.
