| |

Бугарскиот филм „Денот кога таа ќе се роди“ со награда на публиката на филмски фестивал во Албанија

Бугарскиот филм „Денот кога таа ќе се роди“ на режисерот и сценарист Емил Спаhиски (во копродукција со романскиот режисер Богдан Мурешану), снимен по истоимената приказна на писателката Јорданка Белева, ја освои Наградата на публиката на 12. издание на Меѓународниот фестивал за краткометражен филм KO:SH Film Fest во Корча, југоисточна Албанија, јавува Радио Бугарија.

Веста ја соопшти амбасадорот на Бугарија во Република Албанија, Ивајло Киров, преку објава на Фејсбук, каде што ја изрази својата гордост од фактот дека за првпат во историјата на фестивалот ова признание оди кај продукција која не е од Албанија.

„Со поддршка од речиси 64% од гласовите на гледачите, оваа победа е доказ за силата на бугарската кинематографија да возбуди и да ги допре срцата на публиката надвор од границите“, истакна Киров, честитајќи му на целиот тим.

Амбасадорот додаде дека успехот е инспирација и јасен пример за успешниот културен дијалог меѓу двете земји:
„За нас беше чест да го поддржиме силното бугарско учество на годинашниот фестивал, каде што Бугарија беше земја во фокус со специјална селекција подготвена од Меѓународниот фестивал за краткометражен филм IN THE PALACE.“

Филмот „Денот кога таа ќе се роди“ ја раскажува приказната за Марта – постара жена која ја губи врската со реалноста поради деменција. Во своите сеќавања таа наоѓа сила и љубов што ја надживуваат болеста и потсетуваат дека дури и во најтешките искушенија, љубовта останува нашето спасение.



Слични Објави