Бугарскиот филм „Затоа што го сакам лошото време“ на 1 декември на Европските филмски недели во Хелсинки
Бугарскиот игран филм „Затоа што го сакам лошото време“ на режисерката Јана Лекарска ќе биде прикажан на 1 декември на Европските филмски недели во Хелсинки, соопшти бугарската амбасада во Финска на својата страница на Фејсбук, пренесува БТА.
Проекцијата ќе почне во 21 часот по локално време во киното „Регина“, во Централната библиотека „Ооди“ во Хелсинки. Филмот ќе се прикажува со англиски титлови, а влезот е слободен.
Јана Лекарска, која дипломирала филмска режија во Јужна Кореја, е и авторка на сценариото. „Затоа што го сакам лошото време“ е нејзиниот прв долгометражен филм во Бугарија. Филмот ја освои наградата на публиката на „Софија филм фест“ и наградата за најдобро дебитантско остварување на фестивалот „Златна роза“.
Неда Спасова и Владимир Михајлов ги толкуваат главните улоги на Ирина и Борис, пријатели кои не се виделе повеќе од 20 години. Тие повторно се среќаваат во приморското гратче во кое како деца заедно ги минувале летата. Во филмот се застапени бугарски песни од композиторот Борис Карадимчев.
„Ќе ни биде драго заедно да поминеме една вечер посветена на современиот бугарски филм!“, напишаа од Амбасадата.
