Бугарскиот институт GATE и Универзитетот Цукуба го продлабочуваат научното партнерство
Институтот GATE при Софискиот универзитет беше домаќин на официјална делегација од Универзитетот Цукуба од Јапонија, предводена од ректорот проф. д-р Киосуке Нагата. Во делегацијата учествуваа и јапонскиот амбасадор во Бугарија Чикахиса Суми, бугарската амбасадорка во Јапонија Мариета Арабаџиева, како и претставници на Центарот за компјутерски науки (CCS), јавува БТА.
Посетата се одржа во рамки на стратешката соработка меѓу GATE, Универзитетот Цукуба и CCS, утврдена во Заедничката декларација за стратешко партнерство меѓу Бугарија и Јапонија, потпишана за време на ЕКСПО 2025 во Осака.
Директорката на GATE, проф. Силвија Илиева, изјави дека посетата е „симбол на продлабочувањето на пријателството меѓу Бугарија и Јапонија“ и нагласи дека универзитетите треба да бидат двигатели на општествената трансформација.
Ректорот на Универзитетот Цукуба, проф. д-р Киосуке Нагата, истакна дека довербата е основа на науката и успешното партнерство и оцени дека програмата Horizon Europe отвора нови можности за заеднички научни проекти.
Од GATE посочија дека партнерството веќе носи резултати преку зголемен број заеднички научни публикации, формирање истражувачки тимови и организирање семинари во области како вештачка интелигенција, големи податоци, паметни градови и дигитално здравство. Делегацијата се сретна и со раководството на Софискиот универзитет и со претседателот на Управниот одбор на GATE, проф. Анастас Герџиков.
