| |

Дебелата не ни запеа, ВМРО со аплауз!

Пишува: Арсим Зеколи

Доколку би се повел по денешните реакции од опозицијата по вчерашната Собранијска расправа, би рекол дека приказната со уставните измени е завршена, готова, фертих. Владата капитулира, опозицијата победи. И сето тоа бидејќи владата имала 70 но немала 80.

Така е во виртуелниот свет на медиумите.

Во реалноста, вчера Собранието само ја започна дебатата. И колку што се сеќавам, тоа и беше најавено од Бујар. Дека дебатата ќе трае и трае, и трае понатаму до крајот на годината, крајот на мандатот.

Во што тогаш опозицијата смета дека има извојувано победа, кога битката не е ни започната?!

Ах, да …

Во надежта дека ќе ја срушат владата на Ковачевски.

Но како кога Ковачевски засега нема 80 за Уставни измени, но има 70 за мандатот?!

Ах, да …

Надежта е дека Албанската опозиција ќе помогне во рушењето.

Но надежта е пуста доколку се смета на подршка. Поради убавите очи на Силјановска.

Бидејќи, знаете … Мицкоски ги прифати уставните измени. Ќе мора да ги прифати и условите за градење влада. Ако сака влада. Ако сака да остане лидер. Без фракции.

Бидејќи, знаете, сезоната на фракции допрва започнува. О да, Ковачевски си собра 70. Мицкоски допрва ќе треба да потврди дека има бројки на сопствено конто. Не сега. Некаде наесен.

Го слушам Александар Николовски. Последен пак што беше вака вознесен во победа беше кога шеташе по скопски улици против Албанците. За потоа да плаче од насловна дека “Албанците сакаат да го убијат!” Не го убија. Се дружеше со нив десет години. Ех, дали сега Албин Курти ќе му удоволи и конечно одговори на телефон?

Убаво е тоа да се праќаат пораки до сите соседи, да разберат, да се покорат. И Глигоров праќаше слични пораки, како јагне. И Груевски праќаше, како овен. Мицкоски ќе праќа исто така, како мерино.

Рамбл ин тхе џангл работава.

Мицко Фореман утепа ги и Ковачевски, и Али, и Албанците, и Бугарите, и Грците, и Америка, и Европа. Мавај со десна во плексус. мавај со лева во, хм, другиот плексус. Но се ми се чини дека и ВМРО-ДПМНЕ форемански удира и се троши, за да на крај биде нокаутирана во осмата, деветата рунда. Па како и Фореман Велики, таква голема партија да тресне од земја.

Паметните политики подразбираат да добриот почеток го искористат за куражење на трибините. Уште попаметните политики подразбираат свест дека еуфоријата брзо се троши и – доколку нема гол – предизвикуваат депресија. Среде сета таа еуфорија, би било упатно да се запрашаат дали победија над Ковачевски вчера, или се навлекоа на својата глад и потреба да низ било што ја прикријата реалноста дека ги имаат прифатено диктатите од Бугарија.

Затоа, што толку радост? Сепак беше само Петок за почеток, не Света Петка за на Фреска. Но можеби е до факторот “како смо се надали, добро смо се удали”.

Летото е за летни, лесни, минливи заљубеници. Есента им припаѓа на патријарсите. Зимата е за волците. И стрижење на мерино.



Слични Објави