Бугарскиот институт INSAIT го претстави револуционерниот AI модел за роботи – SPEAR-1
Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии (INSAIT) при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија го објави развојот на SPEAR-1 – фундаментален модел на вештачка интелигенција кој им овозможува на роботите невидено 3D просторно разбирање, јавува БНР.
Технологијата е отворена и бесплатна за користење од истражувачи и компании ширум светот. За разлика од традиционалните решенија базирани на 2D слики, SPEAR-1 користи вистински тридимензионални податоци, што му овозможува подобро да разбере како објектите се движат и меѓусебно делуваат во просторот.
Моделот користи до 20 пати помалку сетови со податоци за обука и постигнува висока ефикасност во извршувањето на задачи. SPEAR-1 претставува еквивалент на јазичните модели од типот GPT, но во светот на роботиката – способен е да разбере човечки инструкции и да управува со различни роботи во различни услови.
Со овој пробив, INSAIT ја зацврстува позицијата на Европа како водечки центар за иновации во роботиката и 3D пресметките.
