Бугарскиот институт INSAIT започнува заедничка програма со Масачусетскиот институт за технологија за развој на вештачката интелигенција
Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологии (INSAIT) при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ започна заедничка програма со Лабораторијата за вештачка интелигенција на Масачусетскиот институт за технологија (MIT) во САД. Со ова партнерство, бугарски научници ќе добијат можност да работат во еден од водечките универзитети во светот во областа на компјутерските науки и технологиите, јавува бугарското Министерство за образование и наука.
Со буџет од 1 милион американски долари, програмата ќе овозможи истражувачи од INSAIT да престојуваат до една година во Лабораторијата за компјутерски науки и вештачка интелигенција на MIT (CSAIL). Таму тие ќе работат на заеднички проекти со научници од MIT, задржувајќи ја својата позиција во INSAIT за да се обезбеди континуитет по враќањето.
„Се надевам дека повеќе бугарски таленти ќе имаат можност да го посетат MIT и својата научна и професионална реализација да ја најдат во INSAIT – во областа на вештачката интелигенција и компјутерските науки,“ изјави бугарскиот министер за образование и наука Красимир В’лчев на свеченоста по повод стартот на програмата. Според него, благодарение на INSAIT, Бугарија е јасно позиционирана на светската мапа на развојот на вештачката интелигенција.
На настанот присуствуваа и заменик премиерот и министер за иновации и раст Томислав Дончев, кој нагласи дека ова споразумение го прави INSAIT дел од глобалната авангардна научна инфраструктура. „Ова заслужува признание за сите што вложуваат труд и знаење за да создадат нови технологии што ќе ги променат општествата и економиите,“ додаде тој.
Директорот на CSAIL при MIT, проф. Армандо Солар-Лезама, истакна дека создавањето на програмата е дел од долгорочната стратегија на MIT за развој на меѓународна научна соработка во клучни области како вештачката интелигенција и информатиката.
Директорот на INSAIT, проф. Мартин Вечев, оцени дека ова партнерство е значаен чекор кон позиционирање на институтот како водечки истражувачки центар со меѓународно значење и нова шанса Бугарија да се афирмира како центар за врвна наука и иновации.
Massachusetts Institute of Technology традиционално се наоѓа на првото место во светските рангирања за инженерство и технологија, вклучително и број еден позиција во QS World University Rankings за компјутерски науки. CSAIL е најголемата истражувачка лабораторија по информатика на MIT и стои зад пионерски проекти како RSA криптографијата, автономните роботи и основите на модерното машинско учење.
Програмата е реализирана со поддршка на Фондацијата „Америка за Бугарија“ и Фондацијата „За пример“, основана од менаџментот на SiteGround. На настанот присуствуваа и бројни претставници на академската заедница и невладиниот сектор.
