Бугарскиот културен центар во Одеса не ги затвора вратите ниту во услови на војна
„Војната е многу тешка, страшна. Не може ни да ви падне на памет дека такво нешто може да се случи, но се случи. Русија требаше да размисли многу пати пред да ја започне. Сите ја осудуваат – Бугарите, Молдавците, Грците, Евреите, Русите и Украинците. Тоа се загуби – човечки и економски“, изјави за Радио Бугарија Дмитриј Терзи, претседател на Сеукраинскиот центар за бугарска култура во Одеса. Руските напади врз критичната инфраструктура на Украина предизвикуваат прекин на струја, вода и топлина во градот на Црното Море. И покрај тешките услови, животот на центарот за култура продолжува, бидејќи на Бугарите таму им е потребно место, каде што ќе можат да се соберат, да разговараат, да се поддржуваат.
Според Терзи, во Одеса има околу 50-60 илјади Бугари и практично тоа е четврта по големина заедница во мултинационалниот град. Таму има неколку бугарски културни центри, но Сеукраинскиот центар за бугарска култура е „најдобар“, како што вели неговиот претседател. Центарот се одржува благодарение на поддршката на локалните бугарски патриоти, а не на бугарската држава, која главно се ориентира кон поддршка на неделните училишта во странство:
„Центарот нема финансиска поддршка ниту од Бугарија, ниту од Киев. Ова е јавна организација која е поддржана директно од членовите на Здружението на Бугарите во Украина со претседател Антон Киссе – Бугарите овде даваат одреден мал паричен придонес кој ни овозможува да ја одржиме оваа атмосфера и секако нашата културна дејност“, нагласува Терзи.
И покрај воената ситуација, овде постојано се организираат изложби и концерти. Центарот годинава ќе ја прекине традицијата со славење на Божиќ во стар стил, на 7 јануари, и ќе го одбележи како во Бугарија, на 25 декември. За празникот ќе бидат поканети и свештеници за да им објаснат на луѓето зошто и како настанале разликите во датумите на одбележувањето на празникот. Ќе биде организирана изложба со тематски детски цртежи и концерт на класична музика со бугарски елементи.
Инаку, за традициите на прославување на Божиќните празници и за она што се става на трпезата во Одеса, Дмитриј Терзи искрено признава:
„Ние немаме традиција како во Бугарија. Селото ги чува јазикот, нека е и дијалектен, обичаите и традициите. Градот е малку поинаква работа бидејќи во него се одвива асимилација. Последниве, да речеме, 100 години, немаме овде такво бугарско влијание да ги стабилизираме тие работи, да ги зацврстиме во душата и срцата“.
Затоа е важна дејноста на центарот – за да го зајакне и популаризира меѓу локалните Бугари познавањето на бугарскиот јазик, познавањето на бугарската историја и култура, почитувањето на бугарските традиции и обичаи.
Сега Дмитриј Терзи планира да ја организира локалната бугарска младина да почне да собира фотографии од Бугарите кои загинале за време на војната во Украина – од деца до возрасни, вклучително и луѓе кои загинале на фронтот. А потоа, да се претстави голема изложба – во Украина и во Бугарија, бидејќи, како што истакнува:
„Бугарија треба да знае дека нашиот народ активно учествува во оваа битка. И со пари, и со крв, и со страдање и со болка. Навистина сакаме ова да заврши што е можно побрзо“, рече на крајот од разговорот Дмитриј Терзи, претседател на Сеукраинскиот центар за бугарска култура во Одеса.
Велат дека ако навистина се помолиме, на Божиќ се случуваат чуда. Сите се молиме и надеваме за повеќе разум и наоѓање излез од оваа катастрофа со толку многу човечки жртви.
