Бугарскиот останува меѓу првите пет пазари за „Витаминка“-Прилеп

//

Северна Македонија е претставена со три компании на престижната изложба на традиционална храна што се одржува во Меѓународниот експо центар во Софија. Учествуваат повеќе од 350 компании од Северна Македонија, САД, Италија, Грција, Шпанија и Јужна Кореја.

Меѓу македонските компании е „Витаминка“ од Прилеп која повеќе од десет години учествува на изложбата во главниот град на Бугарија. Љупчо Велевски, менаџер за извоз на компанијата, за дописникот на МИА од Софија коментира дека „Витаминка“ од Прилеп има значителен раст на продажбата на бугарскиот пазар.

Тој рече дека компанијата работи со речиси сите големи европски и локални синџири за прехранбени производи во Бугарија и дека има многу добро присуство во регионите низ земјата. На бугарскиот пазар „Витаминка“ најмногу продава чоколади „Атлантис“, бисквити „Фрути“ и чоколадни јајца.

Преку бугарската подружница на „Витаминка“, македонската компанија е присутна и на други европски пазари, како романскиот и унгарскиот пазар. Иако продажбата во Западна Европа е значително зголемена минатата година, најголем пазар за „Витаминка“ – Прилеп и натаму остануваат земјите од Југоисточна Европа.

Бугарскиот пазар е меѓу петте топ пазари на македонската компанија и тој постојано се зголемува, коментира Велевски. Во категориите бонбониери и бисквити, „Витаминка“ – Прилеп е многу добро застапена на бугарскиот пазар и тие се барани и одлично се продаваат. Вредноста на производите на оваа македонска компанија на бугарскиот пазар достигнува повеќе од милион евра.

-„Витаминка“ има многу добра и долга историја со бизнис-компании од овој сектор во Бугарија, рече Велевски и додаде дека имаат контакти и со водечки дистрибутивни компании во Бугарија.



„Витаминка“ има одлични контакти и со конкуренцијата од бугарските компании, како „Победа Бургас“, „Престиж“ и „Фикосота“.

-Многу сме среќни што производите на „Витаминка“ се одлично прифатени на бугарскиот пазар, вели Велевски. Македонската компанија добро соработува и со бугарската „Дерони“ која произведува лутеница и сосови, ги користи нејзините многу распространети продавници и таму ги продава своите производи.

„Витаминка“ често користи и бугарски материјали и суровини, што помага за приближување на економиите на двете земји.

Целта на македонската компанија на бугарскиот пазар е да ги брендира своите производи и, дополнително, да влезе во останатите продавници во земјата. Компанијата е заинтересирана за продлабочување на контактите во бизнис-заедниците, а, покрај тоа, спроведува и социјална политика во Бугарија со спонзорирање спортски и културни настани, како и хуманитарни проекти.

Извор: Zoom.mk

Претходна статија

Шаќири: Најдобра опција за квалитетна настава е непосредната комуникација наставник – ученик

Следна статија

Цар Борис III, Heil Hitler и слободата…

Најново од Вести