Бугарскиот парламент едногласно го осуди нападот врз новинарот Владимир Перев
Собранието на Бугарија едногласно усвои декларација со која остро го осудува актот на насилство од омраза врз Владимир Перев, новинар и истакнат претставник на бугарската заедница во Република Северна Македонија. Декларацијата беше поддржана од 153 пратеници од сите парламентарни групи, со исклучок на партијата „Величие“, која не учествуваше во гласањето, јавува БТА.
Повод за декларацијата е инцидентот од 24 ноември, кога Перев беше вербално и физички нападнат во продавница во Скопје. За нападот тој информираше преку објава на порталот „Трибуна“.
Во текстот се изразува безусловна поддршка за граѓаните на Северна Македонија со бугарско самосознание и се критикува, како што се наведува, континуираното јавно негирање и омаловажување на проблемите поврзани со нивните права и безбедност, вклучително и од високи политички претставници.
Бугарскиот парламент повикува властите во Северна Македонија да прекинат со изјави и постапки што го оправдуваат насилството, да се воздржат од употреба на навредлив јазик кон Владимир Перев и итно да преземат мерки за спречување на говорот на омраза и насилството мотивирано од омраза кон Бугарите.
Во декларацијата се бара транспарентна и објективна истрага за нападот, пронаоѓање на сторителот и негово соодветно гонење. Исто така, се инсистира Северна Македонија да ги гарантира основните права и достоинството на сите граѓани без дискриминација и без одлагање да ги спроведе уставните измени согласно договореностите од Европскиот консензус од 2022 година.
Пратениците ја оценуваат најавата за Акцискиот план за заштита на правата на заедниците како почетен чекор, при што нагласуваат дека документот треба да содржи јасни, мерливи и ефикасни мерки, чие спроведување ќе се следи во текот на пристапниот процес кон Европската унија.
За време на дебатата, беше истакната потребата од единствен и доследен пристап на институциите, како и значењето на активната комуникација со партнерите од Европската унија, што, според учесниците, се одразило и во критичкиот извештај на Европската комисија за Северна Македонија.
