| |

Бугарскиот пилот Никола Цолов ќе дебитира во Формула 1 на првиот слободен тренинг за Големата награда на Мексико

Бугарскиот пилот Никола Цолов ќе го има своето деби во Формула 1 како еден од пилотите на Рејсинг Булс на првиот слободен тренинг пред неделната Голема награда на Мексико. Сесијата е закажана за петок, 30 октомври, од 20:30 часот по бугарско време, јавува БГНЕС.

Цолов, кој настапува за Кампос Рејсинг во Формула 2, се бори за шампионската титула со Рафаел Камара до завршницата на сезоната. Настапот во Мексико ќе му овозможи да стекне дополнително искуство зад воланот на болид од Формула 1.

Можноста за настап на бугарскиот возач се отвори откако десетмина редовни возачи нема да учествуваат на првиот слободен тренинг. Меѓу нив се поранешните светски шампиони Макс Верстапен и Ландо Норис, како и возачот на Мерцедес, Џорџ Расел. Останатите седуммина се Франко Колапинто, Алекс Албон, Ленс Строл, Естебан Окон, Габриел Бортолето, Валтери Ботас и Лиам Лосон. Токму Лосон ќе биде заменет од Цолов на воведната тренинг-сесија.

За Цолов ова ќе биде уште еден чекор кон неговата цел да стане редовен возач во Формула 1. Тој претходно тестираше болид на Рејсинг Булс од 2025 година на патеката „Имола“ кон крајот на август. Настапот во Мексико ќе му овозможи да го надгради искуството стекнато на тој тест.

„Сакам да му се заблагодарам на Рејсинг Булс за можноста што ми ја дадоа во Мексико. По тестот што го направив со тимот на „Имола“ во август, возбуден сум што ќе можам да го направам следниот чекор, да го надградам стекнатото искуство и да научам повеќе за автомобилот и за важечкиот технички правилник. Ќе се сосредоточам на тоа да го извлечам максимумот од тренинг-сесијата, тесно да соработувам со тимот и да дадам корисни повратни информации“, изјави Цолов во пресрет на своето деби.

Слични Објави