Студентско едноумие
Никица Корубин
Дилемата дали завршила менталната транзиција од тоталитарно уредување (“самоуправен” социјализам) во демократско уредување (парламентарна демократија), всушност никогаш и не е затворена. Ниту кај нас, ниту во регионот, во земјите од поранешна Југославија. Таа дилема никогаш и не се однесувала на граѓаните, кои демократијата ја прифаќале лесно, туку на политичките и општествените елити кои ја прифаќале тешко или воопшто не ја прифаќале. Камуфлирани во професори, интелектуалци, академици, политичари, новинари, и сите позиции кои значеле моќ која треба(ла) да “транзитира” од “едноумие” во “повеќеумие”. Со непроменети (нивни) позиции.
Реторички, тој божемен “демократски капацитет”, е највидлив при описот на политичкиот систем во кој живееме после распадот на СФРЈ – од страна на оние кои, во најголем дел ја воделе политичката транзиција и кои биле составен дел на “партијата” (комунистичката партија) – говорејќи редовно за “повеќепартиски систем” наспроти “еднопартискиот систем” претходно; а не за “парламентарна демократија” кој е точниот опис на самиот политички систем.
Признавајќи веројатно потсвесно, дека суштината на политичкото уредување за нивниот (маскиран демократски) светоглед се сведува, не на уставната поделба на властите (законодавна, извршна, судска), туку на партијата и бројот на истите. Па, дали всушност “партијата” освен што е инструментот што се злоупотребувал низ годините за “партизирање на институциите” со кое требало да се изгуби вербата во “демократското уредување”; е истовремено и “мамката” за оспорување на целиот концепт на “системот” односно “парламентарната демократија”?
И дали можеби тоа го гледаме “практично” највидливо во “студентското движење” во Србија, каде под превезот на “владеење на правото” (кој е реалниот мотив на граѓаните) се одвива “мирно” враќање кон “едноумие” одосно своевиден “самоуправен социјализам”? Затоа што и во поранешна Југославија мантрата за “самоуправниот социјализам” каде наводно “работниот народ” владее била обична “магија за народот” во кој де-факто, прилично брутално владеела “партијата”. И дали можеби “привидот на власт” која се одвива позади “студентската листа” е реална власт на граѓаните, или на некој друг?
Индикативно е и интересно, што толку убедливата победа на борците за “владеење на правото” неколку дена после изборите, не добија честитки речиси од ниту една од земјите на ЕУ, од САД, од западните земји, од државите каде де-факто има “владеење на правото”. И формалните честитки што ги добија од ЕУ, повеќе наликуваат на внимателно и куртоазно предупредување, отколку честитање, на инаку убедлива победа на “демократската опција”.
Како што е исто интересно, што најголем таргет на предизборно, изборно и постизборно, беше листата составена од неколку партии за “европска Србија” и тоа не на владеачката партија, туку на самата “студентска листа”. Која реторички и симболички се изедначи со самата власт. Чудно или можеби не? Па, причината поради кои беа напаѓани истите партии, за учество на претходните избори, со “узурпирани изборни услови”, наеднаш на овие избори, организирани со истите “узурпирани изборни услови” веќе не само што не се “причина”, туку никој и не зборува за било какви изборни нерегуларности. А, тоа може само да значи, дека или цело време изборите биле демократски, или отсуството на демократија никогаш и не било пречка.
Што не’ води до исходот, неговата појавност и неговата суштина, која ќе се покаже во следните месеци. За сега, исходот е речиси целосно отсуство на политички партии во формалниот политички систем, во парламентот (освен една); појавноста се “работнички акции” во кои “народот” (а, не граѓаните) со директна узурпација на јавниот простор и надлежноста на локалната самоуправа, на граница на анархија – чистат, фарбаат, садат – и не се занимаваат со политика. А, суштината е дека позади параванот на “студентската листа” не се знае кој ги носи одлуките, односно “кој се занимава со политика”. Колектив или поединци?
Ако е колектив, тоа е иманенто недемократски, бидејќи во демократијата “граѓанинот” односно “индивидуалецот” е носител и на правата и на обврските, и на легалитетот, легитимитетот и суверенитетот на општеството и државата. А, во случајот на “студентската листа” кога веќе има поединци, тие се “професори, академици и интелектуалци”, кои патем речено доаѓаат од истиот вредносен систем, или отсуство на истиот – каде голема дилема е кој во узурпирано и авторитарни општество – може(л) да биде професор, академик или интелектуалец, а вредносно да е демократ?
А, не па про-европски расположен, бидејќи барањата за владеење на правото и слободни институции се суштинско европски, западни и демократски. И токму затоа “студентското движење” и нема јасна про-европска политичка ориентација, бидејќи за добри односи со Русија или Кина, какво “владеење на правото” и “слободни демократски институции” би им биле воопшто потребни? Едно за “што сака да слушне народот”, сосема друго “што сакаат елитите да задржат”. И тоа е клучната нелогичност и контрадикторност на целиот концепт на “студентското движење” во последната година.
Некои велат победата на овој концепт на “студентско движење” на формално демократски парламентарни избори ќе се изучувала во политичката теорија. Големо прашање е што ќе се изучува. Дали можеби ќе се изучува, како се прави политички инжињеринг во кое за прв пат, од демократија се враќа во “самоуправна социјалистичка” автократија или партократија? Како да се “оживее” идејата за Југославија, а да не биде видливо. Да биде “доброволно”. Па, кој сака “нека повели”.
Чиста ретрогарда, како што би рекле Лајбах кои брилјантно низ кариерата ја прикажуваа суштината на “тоталитарноста” и “колективот”. Ретрогардата, не е ретроградност, туку е ретро авангарда. И да, тие имаа храброст и доблест, да ја изведат обработката на “маршот на Дрина” во окупираното Сараево во 1995 година, кога се потпишуваше Дејтонскиот договор; како парадигма на соочување со траумата што тогаш ја живееше БИХ и како симбол дека тие злосторства ќе бидат процесуирани, разбрани, примени и само-преиспитани од тие што ги направија.
И како поединци и како општество. За сега “српската елита” скриена позади “студентската листа” запре на уште една изведба на “маршот на Дрина” со српскиот устав во рака, во кој “Косово и Метохија” е составен дел од Србија. Без тешкиот дел, што тие го имаа како обврска, за само-преиспитување и соочување со сопственото минато. Далеку од реалноста, далеку од западниот свет. Самите мора да решат дали сакаат да бидат поблиску до нов франкештајн концепт на “самоуправна социјалистичка” Југославија (трет обид) од “нивните соништа”, или поблиску до демократската ЕУ од нашата реалност? Не може и двете. Никогаш и не можело.
