| |

ГДУ- КИЧЕВО: ШТО НАПРАВИ ФАТМИР ДЕХАРИ ОСВЕН ШТО ДЕЛЕШЕ ТЕНДЕРИ НА НЕКОЛКУ БИЗНИС КЛАНОВИ?

„Наместо во служба на сите граѓани, општина Кичево е претворена во служба на неколку бизнис кланови. Од општинскиот буџет годишно се испумпуваат вртоглави суми кои завршуваат на сметките на неколку фирми, а за сметка на тоа според медиумските истражувања градоначалникот Фатмир Дехари добил на подарок стан ни помалку ни повеќе туку од 200 м2. Според она што е објавено во јавноста преку разни тендери на сметката на една иста фирма за четири години легнале над 2 милиони евра општински пари.
И тоа не е сѐ. Истиот тој градоначалник во само еден ден склучувал по неколку договори вредни илјадници евра за хотелски и ресторански услуги. Плаќал за еднокреветни, двокреветни соби во хотели, трошел за пирошки, гулаши, поховани даски, ракии, а во исто време општината била задолжена до гуша.

Фатмир Дехари во јавноста го нарекуваа и „Командант Струмица“ поради распределбата на средства за компании од Струмица за извршени обврски кон општина Кичево.
Слушнавме од објавените прислушувани разговори и што „работи“ друго Дехари. Со Фатмир Бесими изгледа се задолжени за стајлингот на функционерите од ДУИ. Во „бомбите“ си разговараат за купување на кошули, одела, чевли и тоа со пари од ИПА фондови.

Информациите говорат и дека само блиски невладини до кичевскиот градоначалник добиваат пари за културни манифестации. За жал, општинска помош нема за оние манифестации кои со години биле симбол на овој град. Бројни се примерите за мајоризација на локално ниво.

По објавите за матни зделки и сомнителни тендери, го повикуваме Државниот завод за ревизија да ја прочешла документацијата во општина Кичево и да види што точно „работи“ Дехари. Да влезе во паравоениот штаб на Дехари во општинската зграда. Зошто сведоци бевме дека наместо општински симболи, овој градоначалник во својот кабинет има само амблеми на паравоена формација, со што се докажа дека локалната власт во оваа општина не е неутрална.

За жал и министерката Шекеринска како да не раководи со секторот одбрана гордо позираше пред амблемот на УЧК. И невешто се обиде да се вади, но мора нешто да каже без да го навреди Дехари, а со тоа и директно ДУИ зошто идат избори. Зошто неважно е што ќе кажат граѓаните, поважни се фотелјите. А и ДПМНЕ си поќутеа. Додека нивното членство бурно реагираше за потегот на Шекеринска, раководството мудро си молчеше. Зошто и едните и другите се заложници на Ахмети.
А Дехари ќе го вратиме назад 7 години.
Да го потсетиме што кажа тогаш. Во 2013 година кога прв пат се кандидираше за градоначалник вети:
„Кичево го гледам како една убава, развиена средина без основни инфраструктурни проблеми што ги има денес, со рамноправни шанси за работа на сите, без делби по ниту една основа, со чиста животна средина, со нови инвестиции и рестартирање на старите стопански капацитети. Кичево е Европа во мало и за Кичево нема да важат старите клишеа. Успех за еден градоначалник е да ги поттикне локалните бизнисмени и странците да отворат погони во Кичево “.

Па го прашуваме што од ова направи, освен што дели тендери на неколку бизнис кланови?“, се вели во соопштението на ГДУ-Кичево.



Слични Објави