САД предупредуваат дека потезите на Израел за Западниот Брег можат да го загрозат прекинот на огнот во Газа
Американскиот државен секретар Марко Рубио предупреди дека одлуката на израелскиот парламент да разгледа законопроекти за проширување на израелскиот суверенитет врз окупираниот Западен Брег може сериозно да го загрози прекинот на огнот во појасот Газа, јави Франс прес, пренесува БТА.
„Мислам дека претседателот Доналд Трамп се увери дека ова не е нешто што можеме да го поддржиме во моментов“, изјави Рубио пред новинарите, пред да замине за Израел. Според него, ваквиот потег „ја загрозува стабилноста“ и би бил „контрапродуктивен“.
Кнесетот одлучи да ги разгледа два законопроекти кои предвидуваат проширување на израелскиот суверенитет врз делови од Западниот Брег. Гласањето се одржа за време на посетата на американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс на Израел.
Американскиот претседател Доналд Трамп, долгогодишен сојузник на Израел во војната против исламистичкото движење Хамас, јасно се спротивстави на каква било анексија на Западниот Брег – проект што го поддржува израелската крајна десница.
Претходно, во август, Израел одобри голем градежен проект за изградба на 3.400 станови на Западниот Брег, потег што беше остро осуден од Обединетите нации и бројни странски лидери.
„Тоа е нивна демократија, тие ќе гласаат“, изјави Рубио. „Но во овој момент, тоа е нешто што, според нас, може да биде контрапродуктивно“, додаде тој.
Одговарајќи на прашање за зголемувањето на насилството од страна на екстремни израелски доселеници против Палестинците на Западниот Брег, американскиот државен секретар нагласи дека САД се „загрижени за сè што може да ги дестабилизира резултатите од нашите напори за мир“.

