| |

Бугарскиот пилот Николај Калајџиев официјално стана светски Гинисов рекордер

Бугарскиот пилот Николај Калајџиев официјално е светски рекордер на Гинис, откако стана првиот човек што изведе повеќе од 1.021 полетување и слетување за 14 часа и 28 минути, јавува БНТ.

Со овој резултат Калајџиев го надмина досегашниот рекорд, поставен од американски авијатичар.

„Чекавме доста долго, речиси три месеци, за одобрување на светскиот рекорд, бидејќи постои барање целата документација и видеоснимките детално да бидат прегледани. По три месеци можеме да си честитаме за нашиот успех“, изјави Калајџиев во емисијата „Денот започнува“.

Според него, најтешкиот дел од предизвикот била самата одлука да се започне нешто за кое речиси никој не верува дека е возможно.

Калајџиев објасни дека при секој обид морало да бидат исполнети повеќе услови. По полетувањето се изведувал лет по круг, пристап и слетување во строго определена зона од 20 метри.

„Треба да слеташ пред првата линија и да полеташ пред втората. Ако слеташ по втората линија, обидот не се брои“, рече пилотот.

Подготовките за предизвикот траеле околу година и половина. Во тој период Калајџиев го приспособувал организмот на рано станување, имал интензивни тренинзи и практикувал студени бањи.

Во реализацијата на рекордот учествувал тим од повеќе од 20 луѓе, кои морале да работат деноноќно.

Калајџиев ги повика младите да бидат похрабри во своите соништа и истакна дека за него природната средина е во воздухот, каде што летањето му претставува задоволство.



Слични Објави