Бугарскиот претседател Радев го одликуваше амбасадорот на Украина во Бугарија Виталиј Москаленко со Орден „Мадарски коњаник“ од прв степен
Длабоките историски, културни и јазични врски меѓу Бугарија и Украина, за кои мост денес се илјадници етнички Бугари во Украина, се одлична основа за развој на нашите билатерални односи. Ова го истакна претседателот Румен Радев на свеченоста во Амблемната сала на „Дондуков“ 2, на која на амбасадорот на Украина во Бугарија Виталиј Москаленко му беше доделен Орден Мадарски коњаник од прв степен. Државната награда е за посветената работа и големите заслуги на дипломатот за продлабочување и проширување на билатералните односи меѓу Бугарија и Украина.
Шефот на државата во својот говор укажа на посветената и доследна работа на украинскиот амбасадор во рамките на неговиот мандат за продлабочување на односите меѓу Бугарија и Украина на сите нивоа, кои, според претседателот, ќе добиваат сè поголемо значење во модерната комплицирана безбедносна средина во нашиот регион. Доделената државна награда е и израз на благодарност за активностите на амбасадорот Москаленко за развојот на традиционално добрите односи и пријателските врски меѓу Бугарија и Украина во исклучително тежок период, обележан со глобалните предизвици на пандемијата COVID-19. економската и енергетската криза и пред се од руската инвазија и војна против Украина. Претседателот Радев ја потврди принципиелната и доследна поддршка на Бугарија за независноста, суверенитетот, територијалниот интегритет на Украина, за нејзината европска и евроатлантска перспектива, како и континуираната помош за граѓаните на Украина и илјадниците украински граѓани кои бараат спас од војната во Бугарија.
Во својот говор за време на свеченоста, Румен Радев го истакна и развојот на билатералните односи во областа на образованието и културата, како и зголемената размена на стоки во услови на тешка криза. Шефот на државата ја поздрави одлуката на украинските власти да го зачуваат територијалниот и административен интегритет на регионот на Болград, населен главно со етнички Бугари, како резултат на што им се даде можност активно да учествуваат во решавањето на проблемите од локално значење.
Амбасадорот Москаленко ја истакна длабоката поврзаност меѓу Бугарија и Украина потсетувајќи дека односите меѓу двата народа почнале да се градат токму на темелот на зборот и литературата засновани на делото на светите браќа Кирил и Методиј, нивните ученици и следбеници. Бугарската дијаспора во Украина е многу моќен и сериозен мост кој не обединува и придонесува за меѓусебно разбирање и збогатување на нашите народи, истакна амбасадорот Москаленко. Тој изрази благодарност за постојаната поддршка на Бугарија за членството на Украина во ЕУ и НАТО и се заблагодари за поддршката што Бугарија ѝ ја дава на Украина од почетокот на војната.

