Бугарскиот тенисер Иван Иванов е финалист на 14-то издание на наградите „Пјотр Нуровски“ за најдобар млад европски спортист
Бугарскиот тенисер Иван Иванов е финалист на 14-тото издание на наградите „Пјотр Нуровски“ за најдобар млад европски спортист. Ова е нов голем успех за бугарскиот спорт, откако Малена Замфирова го освои зимското издание на наградите, јавува БГНЕС.
Поради големата конкуренција, во финалето се пласираат шест, наместо пет млади спортисти од цела Европа, официјално соопштуваат од Европските олимписки комитети. Меѓу нив, за првпат во летното издание има и Бугарин.
„Среќна сум што по вторпат номинираме бугарски млад спортист и повторно нашиот кандидат оди во финале. Иван Иванов веќе го запиша своето име во историјата како првиот што ги освоил „Вимблдон“ и US Open во една година. Радува тоа што неговите достигнувања се оценети не само во Бугарија, туку и од останатите олимписки комитети во Европа, што претставува признание и за него и за Бугарија“, коментира претседателката на Бугарскиот олимписки комитет Весела Лечева.
Финалисти на 14-тото летно издание на наградата „Пјотр Нуровски“:
- ИВАН ИВАНОВ, тенис
- Андреа Берисај (Црна Гора), таеквондо
- Амалија Ковалиу (Романија), мечување
- Руби Еванс (Велика Британија), ритмичка гимнастика
- Алинка Инкер Мозер (Естонија), атлетика
- Маруша Тереза Шеркези (Словенија), велосипедизам
Гласањето за победникот ќе се одржи за време на 55-тото Генерално собрание на ЕОК во Будимпешта (Унгарија) на 12 јуни. Сите финалисти се поканети на гала-вечерата истиот ден.
Наградата „Пјотр Нуровски“ е основана во 2011 година. Во 2016 година беше донесена одлука да се прошири нејзиниот опфат преку создавање изданија за летни и зимски спортови. Во 2025 година Малена Замфирова ја освои наградата во категоријата зимски спортови, откако го импресионираше жирито со својот говор.
Сите финалисти добиваат плакета, како и парична награда што ќе можат да ја инвестираат во својата подготовка. Наградата за прво место изнесува 15.000 евра, за второ – 8.000 евра, за трето – 5.000, а за четврто, петто и шесто место – 3.000 евра.
