Бугарскиот Вицепремиер Александар Пулев: Нашата цел е да ги забрзаме инвестициските процеси и да ја подобриме деловната средина
Нашата цел е да ги намалиме административните пречки за бизнисот, да ги забрзаме инвестициските процеси и да создадеме попредвидлива и поконкурентна средина за инвеститорите. Ова го изјави вицепремиерот и министер за економија, инвестиции и индустрија на Бугарија, Александар Пулев, на средба со делегација на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од Фабијан Борнхорст.
Бугарскиот министер Пулев ги претстави преземените мерки за олеснување на работењето на инвеститорите, нагласувајќи го консолидирањето на инвестициските активности во рамките на Министерството за економија, како и формирањето централно координативно тело при Советот на министри, кое обединува претставници на институциите вклучени во реализацијата на стратешките инвестициски проекти.
Меѓу главните теми беше и сеопфатната административна реформа, која се подготвува преку активен дијалог со бизнисот, индустријата, стопанските комори и другите заинтересирани страни. „Нашата цел е да се скратат роковите, да се намали регулаторниот товар и да се зголеми ефикасноста на администрацијата“, рече министерот Пулев.
На средбата беше разгледан и потенцијалот на јавно-приватните партнерства за мобилизирање приватен капитал и реализација на инфраструктурни проекти. Министерот Пулев го претстави и партнерството со Европската банка за обнова и развој за структурирање проекти и привлекување приватни инвестиции.
Акцент беше ставен и на националната програма за поддршка на индустриските зони. Според министерот Пулев, меѓу клучните приоритети се инвестициите во енергетската и транспортната инфраструктура, кои можат да го ослободат потенцијалот за проширување на производството и привлекување нови инвеститори.
Во рамките на средбата беа разгледани прашања поврзани со забрзаното воведување дигитални технологии, како во јавната администрација, така и во малите и средните претпријатија.
За време на разговорот, шефот на мисијата Фабијан Борнхорст нагласи дека мерките за подобрување на деловната средина и зголемување на конкурентноста се важни за надминување на структурните предизвици со кои се соочува економијата. Како клучен фактор беше посочена и енергетиката, вклучително и потребата од поефикасно користење на енергијата и поддршка за структурната трансформација на индустријата.
Во рамките на дискусијата беше истакнато значењето на политичката стабилност и предвидливоста на средината како клучни фактори за одржлив економски развој, инвестиции и долгорочно планирање од страна на бизнисот.

