Бугарските одбранбени компании разговараа за можностите за учество во европските проекти по механизмот SAFE
Можностите за вклучување на бугарските компании од одбранбената индустрија во реализацијата на проекти за кои земјата ќе побара финансиска поддршка во форма на заем по линија на инструментот „Мерки за безбедноста на Европа (SAFE) преку зајакнување на европската одбранбена индустрија“, беа во фокусот на работна средба одржана денес, 26 септември, во Министерството за одбрана во Софија, јавуваа МО на Бугарија.
На состанокот учествуваа заменик-премиерот и министер за иновации и раст Тoмислав Дончев, министерот за одбрана Атанас Запрјанов, министерот за економија и индустрија Петар Дилов, заменик-началникот на одбраната генерал-потполковник Красимир Кунев, како и претставници на Агенцијата за јавни набавки, Институтот за одбрана „Проф. Цветан Лазаров“ и компании од бугарската одбранбена индустрија. Средбата имаше за цел потесна координација меѓу државните институции, индустријата и научните организации во рамки на проектите финансирани преку SAFE.
Министерот за одбрана Запрјанов истакна дека трите министерства – на одбрана, на иновации и раст и на економија и индустрија – се отворени за партнерство со домашната одбранбена индустрија и нагласи дека таквата соработка е во заеднички интерес. Тој ги охрабри компаниите да ги претстават своите капацитети и предлози за учество во SAFE проектите и во пошироките модернизациски програми.
Присутните претставници на индустријата беа информирани за обемот на проектите за превооружување и стекнување борбени способности што Бугарија ќе ги предложи за финансирање по овој европски механизам. Според министерот Запрјанов, заемите по SAFE се со особено поволни услови и се насочени кон итни и големи јавни инвестиции во поддршка на европската одбранбена индустрија. Реализацијата на проектите ќе овозможи бугарските вооружени сили да изградат дел од потребните одбранбени капацитети во краткорочен период до пет години.
