Бугарските претприемачи може да одиграат клучна улога во обновата на Украина
Бугарските бизниси имаат потенцијал да бидат важен дел од процесот на обновување на Украина, изјави Генадиј Чижиков, претседател на Украинската трговско-индустриска комора, на бугарско-украинскиот бизнис форум во Софија. Тој ги повика бугарските компании да не го пропуштат вистинскиот момент и активно да се вклучат во заедничките проекти, јавува БНР.
Меѓу најперспективните области за соработка се високите технологии, инфраструктурата, енергетиката и прехранбената индустрија. Украина, според Чижиков, е особено заинтересирана за воспоставување на логистички хаб во Бугарија.
„Според нашите информации, повеќе од 1600 украински компании работат во Бугарија, а над 350 бугарски фирми имаат инвестиции во Украина, но сакаме тој број да расте,“ нагласи тој.
Заменик-министерот за општински и територијален развој на Украина, Артем Рибченко, истакна дека Бугарија се наоѓа меѓу првите десет партнери на Украина. Украинската амбасадорка во Софија, Олесија Илашчук, додаде дека Бугарија е најголемиот трговски партнер на Украина на Балканот и важен пазар за украинските производи.
Претседателката на Бугарско-украинската индустриска комора, Лилија Иванова, информираше дека трговската размена меѓу двете земји претставува 1,8% од вкупниот надворешен промет на Бугарија — 1,2% од извозот и 2,3% од увозот. Во првите пет месеци од 2025 година, размената меѓу Бугарија и Украина бележи раст од речиси 6%.
Форумот беше организиран од Трговско-индустриските комори на Бугарија и Украина, заедно со Бугарско-украинската индустриска комора и Амбасадата на Украина во Софија.
Во настанот учествуваа 30 украински компании, како и бугарски претставници од секторите на прехранбената индустрија, земјоделството, инфраструктурата, логистиката и енергетиката.
