| |

Бугарското МНР ги повика граѓаните во странство навреме да се пријават за гласање на бугарските претседателски избори

Рокот за поднесување барања за гласање во странство на претседателските избори во Бугарија, закажани за 25 октомври, истекува на 29 септември, потсети бугарското Министерство за надворешни работи, пренесува Actualno.com.

Ради Најденов, постојан секретар и претседател на работната група „Избори“ во Министерството, ги повика бугарските државјани во странство однапред да ги поднесат барањата по електронски пат за да се олесни гласањето и да се намалат редиците на избирачките места.

„Поднесувајте барања за да бидете однапред запишани во избирачките списоци“, порача Најденов.

Тој посочи дека, според досегашното искуство, однапред се регистрираат меѓу 10 и најмногу 20 проценти од лицата што сакаат да гласаат.

Според последните измени на Изборниот законик, гласачите што не се однапред запишани во избирачките списоци треба да пополнат изјави за учество на изборите непосредно пред членовите на избирачките комисии.

„Од искуство знаеме дека таму каде што има повеќе избирачи се собираат многу луѓе. Кога тие треба да ги пополнат своите изјави, тоа подразбира уште поголем метеж и забавување на процесот на гласање“, изјави Најденов.

Досега најмногу барања за гласање во странство се поднесени во Турција, Велика Британија, Германија и Шпанија.



Слични Објави