| |

Бугарското село Табаки во Бесарабија одбележа 213 години од своето основање

Едно од најстарите бугарски села во украинска Бесарабија – Табаки, прослави 213 години од своето основање, соопшти Градскиот совет на Болград на својата Фејсбук страница, пренесува БНР.

Прославата започна со спортски натпревари во фудбал, одбојка, шах и други спортови, а продолжи со средба под мотото „Моето село – мојот роден дом“, на која жителите споделија спомени и раскажуваа за семејните традиции и обичаите што се пренесуваат меѓу генерациите. На локалниот стадион беше одржана и концертна програма со настапи на уметнички колективи и гости од Болград и од селото Зализничне.

Во рамки на настанот беше организирана и посета на Етнографскиот музеј „Народна куќа“, кој ја чува културната историја на Табаки преку предмети од секојдневниот живот, народни носии и материјали поврзани со традициите. „Народна куќа“ е основана во 2019 година како заеднички простор за луѓе од сите возрасти и место каде се одржуваат настани, проби и активности за зачувување на бугарската култура.

Гости на празникот беа претставници на локалната власт, меѓу кои и градоначалникот на Болград, Сергеј Димитриев, како и членови на бугарската заедница.

Селото Табаки е основано во 1812 година од доселеници, недалеку од местото каде што девет години подоцна е создаден градот Болград. Според историските податоци, во годината на основањето на градот во Табаки имало 75 куќи и 601 жител.

Слични Објави