| |

Бугарското здружение „Потомци на бегалци и преселеници од територијата на Северна Македонија и пријатели“ со писмо до Мерц, Макрон и Мицкоски

Здружението „Потомци на бегалци и преселеници од територијата на Северна Македонија и пријатели“ упати протестно писмо до германскиот канцелар Фридрих Мерц, претседателот на Франција Емануел Макрон и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски. Писмото е изпратено и до претседателката на Бугарија Илијана Јотова, премиерот Румен Радев и министерката за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова со цел нивно информирање.

Во писмо на здружението изразува протест во однос на неупотребата на уставното име на Република Северна Македонија од страна на премиерот Мицкоски. Тие потсетуваат дека „ниту еден политички лидер нема монопол врз името Македонија, ниту пак има право еден дел од географската област Македонија да го претставува како цела Македонија“.

Од здружението изразуваат очекување канцеларот Мерц и претседателот Макрон да се оградат од како што се вели во писмото „од какви било обиди на властите во Скопје нивните имиња и меѓународен углед да бидат користени за легитимирање на политички пораки што се спротивни на духот на европското право, меѓународните договори и добрососедските односи“.

Во продолжение ви го пренесуваме во целост и без уредничка интервенција протестното писмо на Здружение „Потомци на бегалци и преселеници од територијата на Северна Македонија и пријатели“


Здружение „Потомци на бегалци и преселеници од територијата на Северна Македонија и пријатели“

ПРОТЕСТ

ДО КАНЦЕЛАРОТ НА ГЕРМАНИЈА ФРИДРИХ МЕРЦ,

ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ФРАНЦИЈА ЕМАНУЕЛ МАКРОН,

ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ

НА ЗНАЕЊЕ:

ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА ИЛИЈАНА ЈОТОВА

ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА РУМЕН РАДЕВ

МИНИСТЕРКАТА ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА РЕПУБЛИКА БУГАРИЈА ВЕЛИСЛАВА ПЕТРОВА-ЧАМОВА

Почитуван господине канцелару Мерц,

Почитуван господине претседателе Макрон,

Почитуван господине претседателе на Владата Мицкоски,

Од медиумите во Република Северна Македонија дознаваме за најновите јавни изјави на претседателот на Владата Христијан Мицкоски по неговите средби со канцеларот Мерц и претседателот Макрон за време на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, одржан во Тиват на 5 јуни 2026 година, во кои Република Северна Македонија беше претставена како „Македонија“.

По тој повод, Здружението „Потомци на бегалци и преселеници од територијата на Северна Македонија и пријатели“ го изразува својот решителен протест против оваа систематска практика на употреба на називот „Македонија“ спротивно на уставното име на државата. Нашето здружение ги застапува интересите на повеќе од 400.000 бугарски, а со тоа и европски, граѓани со потекло од денешна Република Северна Македонија, кои се дел од повеќе од 1,3 милиони граѓани на Бугарија со корени во географската област Македонија. Ваквата практика создава погрешен впечаток дека германскиот канцелар и францускиот претседател толерираат прекршување на меѓународните договори и на официјално преземените обврски на Република Северна Македонија.

Потсетуваме дека Република Северна Македонија опфаќа само 36 % од географската област Македонија. Останатите 64 % се наоѓаат во држави-членки на Европската Унија. Поради тоа, ниту еден политички лидер нема монопол врз името Македонија, ниту пак има право еден дел од географската област Македонија да го претставува како цела Македонија. Затоа употребата на дополнителни географски и политички определби не е прашање на личен избор, туку на прецизност, коректност и почитување на меѓународните договори.

Особена загриженост предизвикува фактот што по средбите со Вас, претседателот на Владата Христијан Мицкоски јавно создава впечаток кај граѓаните на Република Северна Македонија дека неговите ставови во врска со наводниот спор со Бугарија, кој тој постојано го наметнува во јавниот дискурс, наидуваат на разбирање и поддршка од водечките европски лидери. Во исто време, тој продолжува да користи конфронтирачка реторика кон граѓаните на Северна Македонија кои го зачувале својот бугарски идентитет, кон Бугарија и кон сите оние што не ги споделуваат неговите ставови. Со тоа се создава опасна илузија дека јазикот на конфронтацијата е во согласност со европските вредности и со процесот на пристапување кон Европската Унија.

Очекуваме канцеларот Мерц и претседателот Макрон јасно да се дистанцираат од какви било обиди на властите во Скопје нивните имиња и меѓународен углед да бидат користени за легитимирање на политички пораки што се спротивни на духот на европското право, меѓународните договори и добрососедските односи. Доколку ваквите толкувања не го одразуваат вистинскиот карактер и содржина на одржаните разговори, молкот неизбежно би бил сфатен како премолчена согласност за злоупотреба на нивниот авторитет со цел одржување на антибугарска реторика, како на внатрешнополитички, така и на меѓународен план.

Почитувањето на преземените меѓународни обврски, заштитата на човековите права и отфрлањето на говорот на омраза претставуваат основни предуслови за европската интеграција, а не прашање на политичка интерпретација. Доколку овие услови не бидат исполнети, Европската Унија нема да стане посилна, туку послаба, бидејќи тоа би поттикнало создавање нови линии на поделба во рамките на самата Унија. Европската интеграција може да биде одржлива и успешна единствено ако се темели врз владеењето на правото, добрососедските односи и почитувањето на меѓународните договори.

Со почит,

Копретседатели:

проф. д-р на науки Спас Ташев

проф. д-р на науки Трендафил Митев

Илија Стојановски

Секретар:

Димитар М. Димитров

8 јуни 2026 година

Слични Објави