|

Бујар Османи: Целосна ревитализација на спортската инфраструктура во Чаир

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, на денешната прес-конференција ги претстави спортските проекти од својата изборна програма, најавувајќи дека приоритет ќе биде обновата и унапредувањето на спортската инфраструктура, како и создавање достапни спортски зони за сите граѓани.

Османи најави дека првиот чекор ќе биде реконструкција на постојните спортски сали и терени, со цел тие повторно да станат функционални и достапни за спортистите и жителите на општината.

„Ќе започнеме со целосна обнова на спортската сала ‘Енвер Идризи’ во Серова, со сите потребни подобрувања за да ги задоволиме современите стандарди. Исто така, предвидена е итна интервенција во спортската сала ‘Васил Главинов’, која е дел од поголемиот проект на архитектот Мишел Ројкинд, што вклучува ново училиште, градинка, подземен паркинг и детско игралиште,“ изјави Османи.

Тој додаде дека реконструкции ќе следуваат и во други населби, вклучувајќи ги спортските сали „Имри Елези“ во населбата Дижонска, „Лирија“ во Гази Баба, како и салите „Шабан Трстена“ и „Партизан“.

Во рамките на програмата е предвидена и изградба на нови отворени спортски терени со осветлување во неколку делови од општината, каде досега вакви простори биле запуштени и небезбедни.

Османи најави и изградба на нова спортска сала кај Основното училиште „Јашар Бег“ во Дуќанџик, со цел дополнително проширување на спортската понуда.

Финансирањето на проектите, како што посочи, ќе се обезбеди преку министерствата, Владата и европски фондови. За таа цел веќе е формиран специјален тим задолжен за подготовка и аплицирање на проектите.

Слични Објави