Бујар Османи најави мобилна болница и домашни здравствени тимови за Чаир
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од Националната алијанса за интеграција, Бујар Османи, на денешната прес-конференција ги претстави клучните здравствени проекти од својата изборна програма, најавувајќи нов пристап во локалната здравствена политика.
Во фокусот на неговата визија е воспоставувањето мобилна болница, односно караван што секојдневно ќе ги посетува различните маала и населени места во општината, каде што граѓаните ќе можат бесплатно да направат превентивни здравствени прегледи.
„Секој ден во едно маало ќе има мобилна болница, во која граѓаните доброволно ќе можат да направат превентивни здравствени прегледи. Ова е многу важно, не само за откривање на поединечни случаи, туку и за зголемување на општата свест,“ рече Османи.
Како втор столб на програмата, Османи најави формирање здравствени тимови составени од лекари и медицински сестри, кои ќе ги посетуваат пензионерите и лицата што живеат сами.
„Повозрасните лица на некој начин се најпогодени во однос на здравјето. За нив ќе подготвиме здравствени тимови од лекари и медицински сестри кои ќе одат и ќе ги посетуваат во нивните домови кога ќе има потреба,“ истакна Османи.
Посебно внимание во програмата е посветено на жените, со фокус на рано откривање на рак на дојка и поддршка на физичкото и менталното здравје.
„Прашањето за жените беше најважниот приоритет во здравствената програма. Општината ќе има посебни проекти за приоретизирање на нивното здравје,“ нагласи Османи.
Тој додаде дека новата визија за здравството во Чаир ќе се темели на превенцијата, а не на скапи и задоцнети интервенции, предупредувајќи дека сегашната состојба е загрижувачка.
„Триесет отсто од децата во Чаир имаат повеќе хронични заболувања на белите дробови поради нечистотијата, поради правот на нашите улици. Полициските извештаи покажуваат дека четири лица дневно во Чаир завршуваат на операциона маса, поради урбаниот хаос и сообраќајните несреќи,“ рече Османи.
Османи денеска присуствуваше и на настанот „Здравје за сите во нашата општина“, заедничка иницијатива на Секретаријатот за здравство и Младинскиот форум на Националната алијанса за интеграција, што се одржа во Старата Чаршија.
