ЦАРОВСКА: ПРЕКУ ДНЕВНИОТ ЦЕНТАР ВО КИСЕЛА ВОДА 15 ДЕЦА ОД УЛИЦА СЕ ВКЛУЧИЈА ВО ОБРАЗОВНИОТ ПРОЦЕС
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, го посети Дневниот центар за деца на улица во Кисела Вода, при што оцени дека вакциот пристап за враќање на децата во образовниот процес дава резултати.
„Многу ми е драго што со почетокот на учебната година 15 деца, кои претходно го посетуваа Дневниот центар, се вклучени во процесот на редовното образование. Ова е доказ дека ваквиот пристап навистина функционира. Секако, ова е и нашата крајна цел – преку механизмите за поддршка децата да излезат од системот, да создадеме независни и силни идни генерации“, истакна Царовска.
Дневниот центар во моментот го посетуваат од 15 до 17 нови деца, кои биле мапирани од страна на стручните работници на мобилните тимови.
По претходна писмена согласност на родителите, со возило на ЦСР Скопје, децата се земаат од своите домови и до 15 часа престојуваат во Дневниот центар.
Тука првин се запознааваат со културно-хигиенските навики, имаат и воспитно-образовeн дел, со што се подготвуваат за вклучување во редовното образoвание за наредната училишна година.
Дневниот центар за деца на улица работи во рамките на Центарот за социјална работа на Град Скопје и е со капацитет до 20 деца. На дневна основа се згрижуваат деца на возраст од 4 до 14 години.