|

Целосно расветлување на насилниот инцидент во просториите на М-НАВ, бараат од Платформата на граѓански организации против корупција

Платформата на граѓански организации против корупцијата бара институциите на системот, во целост да ги расветлат деталите околу насилниот инцидент во М-НАВ.

„Сметаме дека сите оние кои во своето работно опкружување, особено во јавниот сектор, се залагаат и делуваат против партиски вработувања, без разлика на националната припадност при вработувањата, треба да бидат заштитени. Каков било напад по оние што се одлучиле да застанат во заштита на законитоста при вработувањата, претставува сериозна закана по доброто управување, борбата против корупцијата и клиентелизмот, и ќе делува обесхрабрувачки за идни слични потенцијални иницијативи на работните колективи во јавниот сектор. Борбата против корупцијата е должност на сите, па затоа иницијативите кои доаѓаат од јавниот сектор треба да бидат заштитени и поттикнати“, велат тие.

Платформата бара од Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство, да се испитаат и сите индиции за корупција или ризици од корупција во работењето на М-НАВ на кои досега е укажано, токму, како што велат, поради потребата од воспоставување на систем во кој ќе се постапува по сигналите за злоупотреба во работењето. Само на тој начин, оценуваат тие, системот ќе им демонстрира на досегашните и идните сведоци на корупцијата во рамките на институциите дека има поента да пријават корупција, и дека по нивните сведоштва ќе се постапува.

Платформата, потенцираат во соопштението, бара одлучна реакција на полицијата и јавното обвинителство за да се утврди кривична одговорност и овозможи заштита на оние кои пријавуваат, а од Владата како основач на М-НАВ да утврди морална и политичка одговорност кај оние што се вклучени.

Слични Објави