„Чини многу помалку од исушените жални врби во Вардар“, Битиќи не кажа колку потрошиле за панелот за ЕУ
Владата троши пари за панели на кои им објаснува на граѓаните и компаниите колкава корист ќе има државата од влезот во Европската Унија, но не кажува колкава е сумата. Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, на прашањето колку платиле за денешниот панел со наслов „Економските придобивки од интеграцијата во ЕУ за компаниите и граѓаните во Северна Македонија“ во хотелот „Холидеј ин“, место да ја каже потрошената сума, направи споредба со проект од „Скопје 2014“.
„Верувајте, чини многу помалку од која било жална врба што е овде во Вардар, кои се исушени“, рече вицепремиерот Битиќи.
Тој смета дека панелите на кои се зборува за придобивките што би ги имала земјата од членството во ЕУ се потребни за да се издвојат вистинските и лажните вести.
„Сметам дека обврска не секој носител на јавна функција е соодветно и правично и право да ги информира граѓаните. Живееме во ера во која имаме инфлација на вистински и прави информации наспроти лажните. Оваа кампања што е почната е, како што и самата звучи, ‘поблиску од кога било’ да зборуваме за Европската Унија и европската иднина и на граѓаните да им ја претставиме реалната слика што е тоа што губиме и што можеме да имаме наспроти она што го губиме во овој момент од неразумните фактори во општеството. Тоа е наша обврска и тоа ќе го правиме секој ден, ништо повеќе“, вели вицепремиерот Битиќи.
Денешниот панел е дел од кампањата на Владата, „Европска иднина, поблиску од кога било“, која има цел да ги истакне придобивките од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ -за граѓаните, но и да овозможи подобро разбирање на реформите врзани со евроинтеграциите.
На панелот, покрај вицепремиерот Битиќи, учествуваа премиерот Димитар Ковачевски, заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерот за финансии, Фатмир Бесими, и директорот на „Раде Кончар ТЕП“.

