Цолов го освои третото место во трката за големата награда на Белгија во Формула 2
Бугарскиот возач во Формула 2 Никола Цолов се избори за уште еден подиум, откако заврши трет во главната трка за Големата награда на Белгија. Цолов стартуваше од петтата позиција, но се искачи на третото место по казните од по пет секунди што им беа изречени на Алекс Дан и Ноел Леон, јавува БГНЕС.
Постигнувањето на Бугаринот е импресивно, бидејќи тој речиси целата трка ја извозе со оштетување на болидот, добиено по контактот со Рафаел Камара во третиот круг. При обидот да го помине својот ривал, Цолов беше истиснат во безбедносната зона, загуби брзина и позиции, но потоа успеа да се врати во борбата за водечките места.
Трката на „Спа“ беше одбележана со повеќе инциденти, неколку периоди со безбедносно возило и прекин од речиси половина час по тешка несреќа, поради што беа потребни неколку рестартирања.
Победата во трката ја освои Рафаел Камара, а второто место му припадна на Тасанапол Интрапувасак.
По рундата во Белгија, Никола Цолов ја задржа водечката позиција во генералниот пласман со 161 бод. Бугаринот дури ја зголеми предноста на 27 бода пред Габриеле Мини, кој не ја заврши трката на „Спа“, и на 36 бода пред Рафаел Камара.
