ЗАТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ – ЗАРОБЕНА ДРЖАВА !
Иницијативата на 15 пратеници за промена на изборниот модел, ни даде зрак надеж дека ќе се воведат отворените изборни листи во Македонија, но како и што се сомневавме – излезе дека тоа е само игра на големите партии за релативизирање на копнежот на граѓаните кон слобода и квалитет со помош на отворените листи. ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ докажаа дека не се партии на граѓаните, туку само организации на мафијаши, клептомани и буџетомани кои сѐ ќе направат за да останат во врвот на македонската политика и да „цицаат“ од парите на граѓаните од буџетот. Да сакаа да докажат дека им служат на граѓаните, политичарите од големите партии, сега имаа одлична можност со воведувањето на отворените листи, а со ова одбивање тие само покажаа дека и служат на мафијата и на личните и лукративни интереси. Затоа сега е моментот на ова еднаш да му ставиме крај!
Иницијативата на пратениците одлично ги извади на видело душманите на Македонија, кој е тој кој глуми дека се бори за Македонија и граѓаните, за нивното добро и Македонија да влезе во ЕУ – а всушност тоа да се случи што е можно подоцна, се додека има пари за „цицање“ во буџетот. Тие добро знаат дека со влезот во ЕУ оваа можност ќе се спречи, па затоа глумат дека прават сѐ да влеземе во ЕУ – а всушност го прават спротивното. Во ЕУ можеме да влеземе само со политичари кои ќе им бидат слуги на граѓаните преку систем на отворени изборни листи, а со ова одбивање на отворените листи ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ само покажаа дека сакаат државата да остане заробена од нивна страна. Тоа веќе не може, време е да им кажеме ДОСТА Е, и на овие избори да гласаме за партиите кои гарантираат итно воведување на отворените изборни листи!
Некој ќе рече – СДСМ ја поддржа иницијативата за отворени листи, ама не можеше ништо заради ДПМНЕ и ДУИ итн. Јасно е дека ова беше дел од договорената игра помеѓу нив, зошто ако СДСМ сериозно притиснеше за ова прашање, кое е од судбинско значење за граѓаните на Македонија – поинаква ќа беше работата. Вакво мачкање на очи на граѓаните, дека сега е рано, дека може да има и лоши ефекти итн. – е дури и полошо отколку директното одбивање од ДПМНЕ и ДУИ, СДСМ, очигледно има задача да го смири револтот кај граѓаните и да ги натера да се помират со судбината. Но – ова не смее да помине!
На нас граѓаните ни е доста од политичари кои им служат на мафијашите полни со пари украдени од буџетот, на главните босови во државата – лидерите на големите три партии. Следните парламентарни избори се голема можност да ги тргнеме од нашиот грб и да продолжиме да живееме слободно, исправено и гордо, да избереме политичари кои ќе ги воведат отворените изборни листи и ќе бидат наши слуги. Е овие ќе бидат вистинските патриоти, а не сегашните кои под маската на патриотизмот и чукањето во гради – ги уништија граѓаните, и финансиски, и морално и духовно.
Сега е сосема јасно дека основната алатка со чија помош мафијашите од ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ ги држат во покорност и пасивност македонските граѓани се – затворените изборни листи, со чија помош ја држат во потполна контрола целата држава. Единствен спас од ова се ОТВОРЕНИТЕ ИЗБОРНИ ЛИСТИ, тие тоа го знаат и затоа бегаат од нив како ѓавол од крст, па затоа на овие избори треба да го направиме она од што тие најмногу се плашат: да не гласаме за нив и да гласаме за тие што нудат отворени листи!
Дефинитивно се докажа дека затворените изборни листи како систем водат кон авторитарно владеење и заробување на државата и граѓаните, и дека единствено решение на овој проблем е итно воведување на отворените листи. Затоа, да го направиме тоа решение веднаш, уште на следните парламентарни избори во април, и да докажеме дека сме граѓани со висока свест и патриотски дух. Да не дозволуваме повеќе да не манипулираат како мали деца, и да ни ја пијат крвта преку крадењето на нашите пари од државниот буџет. Доста ни е од затворени листи, со чесни и достоинствени политичари – слуги на народот до ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ и вистинска слобода!
Автор: Елизабета Најдоска Величкова

