|

Црна Гора побара од Турција екстрадиција на осомничените за убиството на лидерот на „шкаљарците“

Министерството за правда на Црна Гора соопшти дека официјално побарало екстрадиција на црногорските државјани Радој Живковиќ, Милан Вујотиќ и на Здравко Перуновиќ од Министерството за правда на Турција, со цел спроведување повеќе кривични постапки пред Високиот суд во Подгорица и Специјалното обвинителство.

Вујотиќ, Живковиќ и Перуновиќ се осомничени за убиството на Јован Вукотиќ во Турција во септември минатата година.

„Живковиќ и Вујотиќ се бараат за кривично гонење поради постоење основано сомнение дека ги сториле кривичните дела создавање злосторничка организација, тешко убиство, киднапирање и неовластено производство, држење и пуштање во промет наркотични дроги, а Живковиќ за кривичното дело недозволено држење оружје и распрскувачки материи, а за кривично гонење е побарана и екстрадиција на Перуновиќ поради постоење основано сомнение дека сторил кривични дела создавање злосторничка организација и тешко убиство“, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Од таму додаваат дека од турското правосудство биле известени дека Живковиќ, Вујотиќ и Перуновиќ не се во екстрадициски притвор во Турција според меѓународната потерница на „Интерпол Подгорица“, туку дека се приведени поради сторено кривично дело на територијата на Турција.

„Во согласност со утврдената практика во вакви случаи, реално е да се очекува дека екстрадицијата на споменатите лица во Црна Гора ќе биде можна дури по конечното завршување на кривичната постапка против нив во Турција или по издржувањето каква било затворска казна “, изјавија од овој владин ресор.



Слични Објави