|

Д-р Трајановски: Четири години празни ветувања, Горно и Долно Лисиче заборавени од Муцунски и Митески

Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром од редовите на СДСМ, д-р Александар Трајановски, денес остро реагираше на, како што рече, сериозниот неуспех на актуелното раководство на општината предводено од ВМРО-ДПМНЕ, пред сè во делот на Горно и Долно Лисиче.

„Списокот на изневерени очекувања од Муцунски и Митески е голем. Во Долно и Горно Лисиче денес не е реализиран ниту еден проект од многу ветените пред четири години. Недостигот на основни инфраструктурни инвестиции зборува за сериозен неуспех на ВМРО-ДПМНЕ во овој дел од општина Аеродром,“ изјави Трајановски.

Тој потенцира дека патот меѓу Горно и Долно Лисиче и по четири години останува без осветлување, иако било ветено негово осветлување и проширување на мостот на Маркова Река. „Овој пат ноќе е опасен за движење, а жителите секојдневно ризикуваат поради недостиг на основни услови за безбедност,“ додаде Трајановски.

Во својата изјава, кандидатот за градоначалник потсети и на неисполнетото ветување за изградба на велосипедска патека од мостот на Маркова Река до Долно Лисиче — проект кој требаше да биде дел од визијата за зелен и поврзан Аеродром. „Наместо патека, денес гледаме запуштен и небезбеден терен кој потсетува на заборавен крај на градот,“ нагласи тој.

„Ниту една од овие обврски не е реализирана, и покрај тоа што жителите на Лисиче со години апелираат за инфраструктурна санација. Ова не е само прашање на ветувања, тоа е прашање на достоинство и еднаков третман на сите делови од општината,“ рече Трајановски.

На крајот, тој ги повика граѓаните да излезат и да ја направат промената во недела.
„Ве повикувам во недела, заедно да се избориме за нашиот дом! За нашиот Аеродром! Да ставиме крај на лагите и да избереме работа и реални ветувања,“ порача д-р Александар Трајановски.



Слични Објави