Проданоски: Прилеп ќе добие трговски центар со забавен парк
Кандидатот за градоначалник на Прилеп од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски, денес најави нов капитален проект кој, како што истакна, ќе внесе свеж дух и нова димензија на животот во градот.
Станува збор за изградба на современ трговски центар со забавен парк и паркинг простор во индустриската зона Металец, проект што, според Проданоски, ќе го претвори Прилеп во регионален центар на бизнисот, забавата и семејниот живот.
„Ова е нешто што Прилеп досега го немал. Создаваме место каде што ќе се сретнат бизнисот, забавата и семејниот живот. Со овој проект отвораме нови можности за инвестиции, нови работни места и нови перспективи за граѓаните и локалниот бизнис“, изјави Проданоски.
Паралелно со изградбата, најави и реконструкција на улицата Александар Македонски, која води кон индустриската зона Металец, со цел да се обезбеди модерен пристап и подобра инфраструктура за сите што живеат и работат во овој дел од градот.
„Ќе работиме кон рамномерен развој на сите делови од Прилеп, создавајќи подобри услови за стопанството и поквалитетен живот за секој граѓанин. Овој проект е само дел од мозаикот на една нова слика за Прилеп — град што расте, инвестира и создава иднина“, порача Проданоски.
Со најавата на овој проект, Проданоски ја потенцира својата визија за модерен, енергичен и просперитетен Прилеп, град што ќе биде симбол на нови можности и позитивни промени.
