| |

Дали борбата за демократијата е всушност борба за западната култура?

Facebook статус на Никица Корубин

Во 411 година п.н.е во екот на Пелопонеската војна, помеѓу Атина и Спарта и нивните сојузници, олигархијата го искористува отсуството на целата атинска морнарица под водство на Алкибијад, која се наоѓа кај колониите на јонскиот брег на Мала Азија и островите; и изведува државен удар суспендирајќи ја демократијата и воведувајќи “влада на 400-тина”.

Остроумната забелешка и сведоштво што го дава генијалниот ум на Тукидид, кој ја пишува историјата на Пелопонеската војна, до ден денес е лекција, а после американските избори и поука за главната политичка, културолошко и цивилизациска тема: кој кого чува – демократијата ја чува западната култура или западната култура ја чува демократијата?

Пред 2.500 години, чуварите на демократијата во Атина, иако со суспендирана демократија и наметната олигархија, не биле загрижени за крајниот исход, како што ни кажува Тукидид, се’ додека морнарицата е далеку од рацете на олигарсите. Затоа што “вистинските чувари на демократијата во Атина се нејзините бродови”.

Токму преку тие бродови и таа најмоќна морнарица го обезбедувала и градела своето демократско општество: од пристапот до храната (житото) од Црното море и Сицилија, преку дрвата и рудите од Македонија и Тракија, и сета комуникација со Мала Азија, Персија, Вавилон, Египет, Феникија – оди преку морнарицата. Сета примена и прифатена култура, религија, обичаи, писменост, почива на комуникациите кои биле невозможни без морнарицата. Зачетокот на западната култура.

И ако демократијата во антиката одела “рака под рака” со културата, зошто тоа би било исклучок денес? Дали всушност американските избори, беа одлучени поради “нападот” на кој е изложена традиционалната западна култура, која е темелот за демократијата? И дали всушност “екстремниот либерализам” (не)свесно навлезе во традицијата и историјата, без која не може да има ниту демократија, а последователно ниту повикување на принципот “на еднакви права за сите”.

“Екстремниот либерализам” е само кованица, употребена во текстов како сликовит опис на две движења, претежно во западните општества кои всушност со својата радикалност и често пати бесмисленост, слепо држејќи се до “правото” всушност отидоа во екстремот на исклучиво наметнување на “правила на однесување”. Што е суштински недемократски манир.

Станува збор за “woke” движењето, кое би можеле да го преведеме како “освестување” и се однесува на “освестувањето” на луѓето за сите можни нееднаквости (расизам, колонијализам, шовинизам, ЛГБТИ права, родов идентитет, и сите можни неправди во едно општество); и “cancell” културата односно “културата на исклучување, односно изопштување”, на поединци или групи кои имаат проблематично мислење, за одредена тема, која не е во согласност со претпоставените “либерални” или слободоумни постулати.

И ако во основа двете “движења” се базираат на елемантарните човекови права, начинот на кој агресивно и безмилосно се наметнуваат и практикуваат, како “единствено хумана вистина” достигна размери на класичен диктат и дури елементи на своевидна јавен линч; влегувајќи во директен конфликт со традицијата и историјата на која почива западниот свет и цивилизација.

А, која преку преку целосно бесмислените и неодговорни акции на оштетување и уништување на експонати во музеи или на археолошки локалитети на културното наследство, и особено преку осуда и сатанизирање на историски настани, литература, култура и обиди за нивно ре-пишување, односно создавање на нова верзија на минати настани; всушност директно ја таргетира културата, сфаќањата, обичаите, вклучително и демократијата на која почива нашиот индивидуален и колективен живот.

Тоа радикално преиспитување на се’ и сешто, “во име на демократијата” и правото “на право” без земање во предвид на “одговорноста” кон различните и поинаквите на другиот спектар (традиција, религија, обичаи); се чини дека директно го загрози опстанокот на историскиот континиутет, кој е темелот за стабилноста на било кое општество. И наместо “култура на сеќавање” се наметна “култура на бришење и ре-пишување”.

Дали всушност овој страв и немоќ, од губење на класичната западна култура и демократија, таа фамозна “англо-саксонска” култура и “американскиот сон”, ги обедини гласачите во САД (покрај сите економски и политички параметри ) – од конзервативните “бели” гласови, преку афро-американската заедница, хиспано гласачите, арапските гласачи, се’ до голем број млади гласачи (под 45 години); да застанат зад олигархот Доналд Трамп, како последна стабилна реминисценција на стариот стабилен свет на западната култура и демократијата за сите, без да ја чувствуваат вината да не се доволно “либерални”, а сепак да се демократи?

И дали обратно, Демократскта партија, беше своевидна жртва, на наметнатиот, ќе го наречеме “екстремен либерализам” по секоја цена? Шансата што на пример ја пропуштија демократите јасно да го осудат жестокиот анти-семитизам, низ универзитетите на САД, после случувањата во Израел и Газа, и неселективната поддршка на Хамас, преку параванот на палестинското прашање; резултираше со примерот на државата Њујорк, каде големата еврејска заедница, традиционално низ децениите демократска, мнозински го поддржале републиканецот Доналд Трамп.

Работите никогаш не се црно-бели. А, најмалку во сложен свет и гео-политички односи во кој живееме. И токму затоа, исклучително важно е да ја познаваме историјата, за да ги разбереме процесите што се случуваат денес. И никако и на никаков начин да не се обидуваме да ја промениме, туку да ја разбереме, почитуваме, вреднуваме и да се сеќаваме на неа. А, за да може сето ова да го правиме, треба да ја сочуваме демократијата денес, која е производ токму на западната култура, родена пред 2.500 години во антиката. Ако можеле Атињаните тогаш да бидат мудри, можеме и ние денес.



Слични Објави