Делегација од Турција во официјална посета на Уставниот суд
Делегација на Уставниот суд на Република Турција, предводена од претседателот Кадир Озкаја, денеска ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија. Во рамки на посетата е планирана билатерална средба со претседателот Дарко Костадиновски и судиите на Уставниот суд на државава.
Од Судот информираат дека ќе биде одржано свечено отворање на новата сала за седници, опремена со современа дигитална технологија обезбедена со поддршка на Турската агенција за координација и соработка (ТИКА). Целта на технолошкото опремување е унапредување на дигитализацијата и обезбедување поефикасно и потранспарентно работење.
Во рамки на средбата ќе се одржи и конференција на која ќе се дискутира за Предлог-Статутот што ќе биде разгледуван и усвоен на Третиот годишен состанок на Форумот на уставните судови од Балканот, кој ќе се одржи од 13 до 16 ноември 2025 година. Теми на разговор ќе бидат и размената на пракса и искуства меѓу двата уставни суда во областа на уставно-судска контрола преку механизмот на уставна жалба.
„Уставниот суд започнува процес на комплетна дигитализација,“ наведуваат од институцијата.

